Лазарополе – бисерот на Бистра планина

ИЗВОРСкопје24
|

Безгранична е убавината на Македонија. Таа во себе крие многу места, градови, села и населби за кои ние можеби сме слушнале, а сепак не знаеме ништо повеќе од името. Денеска решивме да ви го прикажеме одблиску бисерот на Бистра, Лазарополе. Сместено во висините на планината, таму каде што му е местото, оти се чини дека недопрената убавина која плени е таква, само заради неговата местоположба. Ова е место каде секој може да го најде својот душевен мир и благосостојба. Место со кое се гордеат сите лазарополци, без разлика каде и да ги однел патот низ светот.

Лазарополе, населба која настанала од раселените жители на две претходни позначајни и познати селски населби. Едната е Главино село за кое се претпоставува дека било главно село во Мијачијата, па оттаму и неговото име. Втората населба е Лопушник и се наоѓа на планината Бистра, во непосредна близина на Лазарополе. Постојат делумни информации дека овие две поранешни населби чии жители го основале Лазарополе, се раселени присилно, во времето на Османлиското владеење на овие простори. Доаѓањето на првите жители на Лазарополе кое се случило под опишаните услови е раскажано во една легенда каде се опишани страдањата на жителите на Главино село, масовното пребегнување од родните места, како и тоа дека се засолнувале во местото неречено Калина Дупка.

Лазарополе се наоѓа на планината Бистра, прочуена по својата убавина. Населбата се наоѓа на надморска височина од 1350 метри, на простор опкружен со бујни шуми, ретко питоми планински пасишта. Заради поволните услови се развило и сточарството, поточно овчарството, познато по своите висококвалитетни производи, особено сирењето и кашкавалот. Сигурно досега сте имале прилика да го испробате вкусот на Лазарополе. Замислете дека дегустацијата ја правите токму таму, со убаво вино, пријатно друштво и насмевка на крајот од денот. Е, тоа е вистинско уживање.

Инаку. Лазарополе во своја непосредна близина ги има селата: Росоки, Сушица, Галичник, Селце, Тресонче, Гари, Осој, Могорче, Ехловец и Душегубица. Климата тука е континентална, со повремени медитерански влијанија, а карактеристични се пријатните и свежи лета, како и благите зими.

Богато со флора, во лазарополската околија доминира буката, дабот ја следи на одредени простори, а во некои делови се сретнуваат чамот и евлата.

Што се однесува до фауната, тука се сретнуваат зајакот, лисицата, мечката, а поретко волкот и рисот. Птиците се исто така присутни. Најбројни се врапците, славејот, враните, клукајдрвецот и соколот, а понекогаш се сретнува јастребот и црниот орел. Лежиштето на орелот се наоѓа на една извишена карпа непосредно до селото, наречена Соколица. Нема човек кој не го знае ова место и нема своја лична приказна врзано за него.