Парламентот на Летонија го усвои законот со кој се ратификува Протоколот за пристапување на нашата држава во НАТО. Со тоа, Летонија е тринаесетта земја членка која даде зелено светло за пристапување на нашата држава во алијансата.
Од владејачкиот СДСМ велат дека истовремено Владата на Естонија го одобрила протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, а во наредната фаза тој ќе биде ратификуван и во Парламентот на Естонија.
Од СДСМ оценуваат дека процесот на ратификација на Протоколот се одвива со добро темпо, а откако ќе биде усвоен од останатите земји членки, Република Северна Македонија станува 30. членка на НАТО.
„Се остварува децениски државен и национален интерес за полноправно членство во најмоќниот безбедносен сојуз во светот. Членството во НАТО покрај безбедност и стабилност со себе носи и повеќе инвестиции, економски раст и развој, а сето тоа значи повеќе пари кај граѓаните. Како одговорна, државотворна партија остануваме посветени на реализација на врвните стратешки интереси и обезбедување сигурна, безбедна иднина за сите граѓани“, велат од СДСМ.
Економските придобивки од НАТО не се директни, но се значајни
Македонската економија останува заложник на интеграциските процеси во Европската Унија и во НАТО. Странските инвеститори ја заобиколуваат земјава, трговскиот дефицит се брои во милијарди долари. Економските придобивки од влезот во НАТО не се директни и не се мерливи со бројки. Сепак историјата покажува дека членството во Алијансата само по себе носи нови инвестиции и раст на економијата, вели генералот Дејвид Хумар од канцеларијата на НАТО во Македонија. – Можете да видите во соседството дека земјите кои неодамна влегоа во НАТО, како Бугарија и Албанија, напредуваа во последните неколку години.
Затоа одговорот е многу лесен: погледнете околу и видете колку се големи инвестициите во земјите од регионот. И бројките го кажуваат истото. Во 2009 година нивото на странски директни инвестиции во Македонија изнесувало 124 долари по жител.