Лила со мачор на лустер, Зоки – Фаци со магарешки бакнеж ве канат на парада

|

Македонија уште не го ни „помирисала“ влезот во Европа и тешко дека наскоро и ќе припириса до датум за почеток на преговори клечејќи во европската чекална, ама затоа европските вредности со раширени раце, а Бога ми и нозе ги пречекуваме. Парадата на гордоста на „гордите“ беше и помина, сега на ред е парадата на домашните и не само домашните миленичиња, иако нивните сопственици се исто толку, па и повеќе горди на своите галеничиња, колку и „гордите“ на својата сексуална определба!

Да не се разбереме погрешно дека некој има нешто против, таман работа. Убаво да се сака, да се шири позитивна енергија, љубов, да се има емпатија како кон луѓето, така и кон животните. Зашто и тие се души, па затоа и треба да имаат свои права! Како оние што ги чуваат, што треба да имаат свои обврски. И кон нив, и кон околината! Само што кај нас во се’ живо, па и во овој сегмент  работите се малку исчашени. Што повеќе се апелира, прокламира, развива свеста преку јавното мислење за домашните животни и миленичиња, толку повеќе мачки и пци – скитници има по улиците!?

Нејсе, ама тоа е друга тема на муабет, а муабетот нам ни беше дека кај нас манифестацијата која за прв пат ќе се одржи, а врзана со правата на домашните миленици и белким животните воопшто, ја поддржаа многу познати и јавни личности. Многумина од нив и самите чуваат домашни миленичиња, па некои дури и ја на своите профили на социјалните мрежи ја најавија првата „шепарада“, насловена „Шепалогија“!

Меѓу првите таа, најдобрата и најпопуларна македонска ТВ водителка Лила Филиповска, која манифестацијата ја најави со кусо видео на Инстаграм… Со својот мачор Рагнар в раце. Или закачен на кристалниот лустер, сеедно. Зависи кому што му е поважно…мачорот или лустерот! На Лила  – обете!

Ако Рагнар го откачи и скрши – тука се спонзорите! Или пак водителката ќе си купи нов! Проблемот е само ако лустерот му падне на глава на мачорот! Потоа заедно со газдарицата правата ќе мораат да ги бараат или кај оние што го местеле лустерот или кај оние што го местеле гипс-картонот на плафонот?! А може и осиугурувањето ќе плати, ако е станот, односно мачорот осигуран? Единствено, пу, пу… с краја да е, само да не биде, жал ми е, дај друга мачка!?

https://www.instagram.com/p/B3DU8OXgaKg/?utm_source=ig_embed

Доскорешниот водител на 1ТВ и новинар на порталот „Либертас“, Зоран Василевски, познат како Зоки – Фаци, има поинаква љубов кон животните. Овој пат – магарешка! Затоа и со магарешки бакнеж изрази емпатија кон нив, со што случајно или намерно во вистински момент се вклопи во најавата на претстојната „шепарада“… Или не? Зошто неговиот љубимец со кого Фаци разменува бакнежи на своите усни румени, нема шепи. Копитар е! И сега што правиме со името на животинската парада „Шепалогија“?  Кај се оние како Фаци што се љубители на магарешка љубов? Безусловно!

Или оние што имаат цела ергела коњи, па оние што по дома како миленичиња чуваат риби, птици, желки, гуштери, питони, пајаци…? Нивните домашни миленичиња не се животни, не се домашни миленичиња и немаат права?  Или се обесправени, зашто немаат шепи?

И како што е кај нас се’ поделено и поларизирано, како на секој протест што има и контрапротест, на секоја парада и контрапарада, можете ли да замислите на „Шепалогија“ да се појави група или маса на сопственици на домашни миленици што немаат шепи, која протестира зашто нивните галеничиња не се вклучени во „шепарадата“ и се игнорирани, а со тоа обесправени? Па како што е редот, почнат да прават секој своја парада: „Копитологија“, „Клунологија“, „Риболигија“, „Влекачологија“, „Членконогологија“…!?

Шегата на страна, Вистина.ком.мк сесрдно ја поддржува првата „ШеPAWлогија“ што ќе се одржи на 13 октомври во Скопје!