Липковско под висок напон – бунтот на жителите на Слупчане остави без струја и други села

|

Бунтот на жителите на Слупчане ги држи екипите на ЕВН подалеку од мрежата и трафостаницата. Работниците не можат да работат, а проблемите ги има сѐ повеќе. Дефект од највисок степен се случил вчера откако мештани од липковско Слупчане уништиле дел од инфраструктурата и сега поради тоа се без струја и тие, но и во други населени места.

Екипите на Електродистрибуција работеле онаму каде што можат и нормализирано е снабдувањето на неколку села. Слупчане е без струја, настрада и мрежата во соседното Оризари. Со тоа се крена нов бунт, но сега меѓу жителите на Оризари. Тие упаднале во канцелариите на ЕВН во Куманово со порака „не сме ние криви што во Слупчане не плаќаат струја“. Веќе има и пријава во полиција.

„Денес околу 11:30 часот, од агенцијата за обезбедување што ја обезбедува Дирекцијата на ЕВН КЕЦ Куманово е пријавено дека група граѓани упаднале во просториите. Полициски службеници излегле на местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од СВР Куманово.

До неплаќачите на струја денес се обрати и министерот за економија на социјалните мрежи. Порача дека нема да се толерираат и дека секој ќе плати за електрична енергија, онолку колку што потрошил. Претходно, тој и градоначалникот на Општина Липково, Арифи дадоа збор дека ќе направат напор да се реши проблемот. Истото остана само како ветување, а решение на проблемот нема ниту денес. Денес, градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, ги игнорира повиците од Телма за изјава, ниту пак одговара на прашањата во порака.

„Секој граѓанин треба да плати за тоа што го потрошил бидејќи така функционира пазарната економија. Ги повикуваме сите надлежни институции да постапат согласно нивните надлежности и да се реши проблемот со снабдување со електрична енергија во Слупчане и околните села и да се овозможи работа на екипите на ЕВН Македонија“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

По упадот на жителите на Оризари во канцелариите на ЕВН во Куманово, вработените ги напуштиле просториите и си заминале. Не се враќаат додека нема услови и гарантирана безбедност за нив, велат од ЕВН.

Екипи на ЕВН вчера повторно се обидоа да ја реконструираат електричната мрежа во Слупчане, но жителите веднаш се собраа и ги избркаа, а потоа го блокираа патот и покрај присуството на полициските службеници. Не дозволија ниту да се приближат работниците со возилата и опремата.

Од Слупчане доставија неколку барања меѓу кои сите новоизградени куќи да добијат бесплатен приклучок на мрежа, да се постави ограничена цена од 3.000 денари по семејство без разлика колку струја е потрошена и верските објекти да бидат ослободени од обврската за плаќање струја. Ова се само дел од нив.

Од ЕВН тврдат дека во милиони евра се бројат неплатените долгови, а кражбите на струја никако не се решаваат.