Љубаништа: Магична хармонија на природата која секогаш не враќа назад

ИЗВОРСкопје24
|

Веруваме дека повеќето од вас низ семејните фото албуми имаат доста фотографии од летните одмори поминати со семејството во познатиот авто- камп Љубаништа крај Свети Стефан. Ако некогаш Љубаништа важеше за комерцијална плажа на која не можеше да се фрли игра, денес плажата се уште живее и е атрактивна во текот на летото, но со некој поинаков редуциран шмек кој се уште го задржал печатот на минатото.

Љубаништа е стара населба. Прв пат се споменува во 1582 година, кога тука живееле 70 христијански домаќинства. Постои предание дека за време на османлиското ропство селото било чифлик на познатиот Џеладин-бег од Охрид. Бегот подоцна го поклонил селото на манастирот Св. Наум, а жителите ја обработувале манастирската земја како исполџии.

Ljubanista – Ohrid Lake – Macedonia
Ljubanista – Ohrid Lake – Macedonia

Денес, Љубаништа е еден од преживеаните кампови на охридското крајбрежје, а дел од туристите се уште знаат да уживаат во кампувањето, кујната покрај шатор, изгрејсонцето на плажа, семејните игри, уживањето во водата, спиењето во природа и секако доживувањето на прекрасното зајдисонце.

Ако поминале многу лета откако не сте биле на Љубаништа, претстојното дефинитивно треба да размислите за една поинаква летна авантура на една од најубавите охридски плажи, па макар и на еден ден. Кампувањето или летувањето во шатор е неповторливо искуство кое се планира со време. Ако сте меѓу оваа група авантуристи, тогаш ова сигурно добро го знаете, па во екот на летната сезона сигурно веќе ги имате скроено идеите.

На Љубаништа никогаш нема да бидете сами, но мир и релаксација нема да ви недостигаат. Иако пред се доаѓаат семејства кои кампуваат, оваа плажа е атрактивна и за помладата генерација која не недостига ниедно лето.

Дебелите сенки сака да ги има секој над својот камп, но дарежливата природа има парче оаза за секој. Водата е проѕирна како солза, плажата долга и прекриена со ситни камчиња, погледот еден и единствен, а доживувањето – неповторливо.

Ljubanista – Ohrid Lake – Macedonia

Плажата е будна уште од раните утрински часови. Едни се расонуваат со пливање, други пак ги фаќаат првите зраци за сончање и се така до залезот на сонцето и следното утре.

Македонија наистина ни нуди природен раскош кој вреди да го искористиме, а Љубаништа е како создадена за тоа.