Љубчо Георгиевски открива каква понуда имал Груевски за името во 2008 година

ИЗВОРНов Лист
|

Во дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 поранешниот премиер Љубчо Георгиевски посочи дека додека бил тој на власт имало обид да се реши името со Северна Македонија.

Како што истакна Георгиевски тој ја пуштил информацијата во медиумите, а СДСМ толку „скокала“ тоа време, дури и штрајк организирале.

Времето не беше толку зрело, ниту пак некој не притискаше толку многу, вели Георгиевски.

Имено, тој открива дека тогашната партија СДСМ, организирала протести против менување на името во Северна Македонија, кое било идеја токму на Георгиевски.

Во 2001 година, тој бил подготвен името да се смени во Северна Македонија само за надворешна употреба, името кое ќе го добие државата 18 години подоцна за секаква употреба.

„Јас бев подготвен тогаш, и внимавајте, тогаш ќе беше само за надворешна употреба. И требаше само со БЈРМ, да се замени со Северна Македонија. Северна или Горна, уште не беше дефинирано од грчка страна“, вели Георгиевски.

Како што посочува Георгиевски, Никола Груевски во 2008 година имал исто така можност да го смени името само за надворешна употреба, но не прифатил, и додава дека Груевски да прифател тогаш, сега Македонија ќе била членка на ЕУ.

„Јас се обидував да ги решавам проблемите на државата. Тоа е доблест. Најлесно е премиерот да каже го оставам овој проблем за некој друг. Како Никола Груевски што правеше.

Груевски после Букурешт имал понуда промена на име само за надворешна употреба. И сега што е патриотизмот? Дали ќе беше Груевски патриот да го прифати тоа после Букурешт во 2008 само за надворешна употреба?

Тогаш го немаше проблемот со Бугарија, ќе го немаше со Грција, и сега ќе бевме членка на НАТО, ќе бевме и во Европска Унија“, потенцира Георгиевски.