Биометеоролошките прилики во државава овие денови ќе бидат релативно неповолни и тоа поради враќањето на АНДРЕА па така особен о кај метеопатите ќе се зголеми можноста за појава на здравствените проблеми како што се болки во коските и на местата од старите рани, поспаност, повремена нервоза како и тежина во главата.
Инаку атмосферата значително ќе се дестабилизира во четврток доцна попладне и навечер кога на повеќе места ќе има повремени врнежи од дожд, локално ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер а на некои места не се исклучува можноста и за појава на невреме со град.
Врнежите ќе продолжат и во текот на ноќта кон петок како и во петок кога повторно во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално и тоа особено во јужната половина од државава врнежите ќе бидат поинтензивни и се очекува да наврнат над 20 л/м2 воден талог. Поради спуштање на постуден воздух од север во петок ќе дува северен ветер кој повремено на некои места ќе биде засилен по интензитет и истиот ќе услови пад на температурите за пет до шест степени. Во четврток ќе биде најтопло со максимални температури од 22 до 29 степени додека во петок истите ќе се искачат во интервалот од 16 до 24 степени.
Подготви: Славчо Попоски за 1ТВ