Во текот на изминатите два дена Управата за јавни приходи извршила 611 контроли на територијата на цела држава при што кај 114 даночни обврзници биле констатирани неправилности во однос на спроведување на одлуката за ослободување од ДДВ на основните прехранбени продукти, согласно Законот за регистриање на готовински плаќања.
Опфатени биле даночни обврзници кои вршат дејност трговија на мало со храна и пијалаци, со месо и производи од месо, со моторни горива, кои дејноста ја вршат преку повеќе деловни единици со поголема продажна површина и остваруват промет во поголем износ.
Сања Лукаревска, денеска на прес-конференција информира дека и покрај укажувањата имало продажни објекти на кои не им биле прилагодени фискалните апарати и наместо во група Г, лебот, брашното ТИП 400, јајцата, млекото, шеќерот, месото, оризот и маслото за јадење ги продавале во група Б односно со пресметан ДДВ од пет проценти.
Лукаревска додаде дека неправилности имало и кај шест продажни објекти во Струмица, Кавадарци, Гостивар и Ресен. Во Неготино неправилно работење е утврдено кај три од вкупно 17 исконтролирани трговци, додека во продажни места од Штип, Гевгелија, Кичево, Велес и Валандово непочитување на одредби од законот е утврдено кај едно продажно место.
Кај еден голем трговец кој врши трговија на мало со храна и млечни и месни производи во неколку маркети во Скопје, Струмица, Гевгелија и Валандово е утврдено, потенцира директорката на УЈП, неусогласеност на даночната стапка за месо и други производи.