Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека десетици мачки во Полска се заразени со птичји грип и има ризик вирусот да се пренесе на луѓето, иако тоа засега не е регистрирано.
Кон крајот на минатиот месец, полските власти ги известија претставниците на СЗО за невообичаената смрт на повеќе од 45 мачки во 13 региони на земјата.
Тестирањето минатата недела покажа дека 29 од тие мачки биле заразени со вирусот Х5Н1.
Во соопштението се наведува дека ова е првпат да се забележат толку голем број заразени мачки на толку голема површина во една земја.
СЗО соопшти дека ризикот луѓето во Полска да бидат заразени со птичји грип е „низок“ до „умерен“ за тие кои биле во контакт со мачките, вклучително и сопствениците на мачки и ветеринарите.
Од минатата година, властите во 10 земји пријавија појава на птичји грип кај цицачи, вклучително и одгледувани куни во Шпанија, фоки во САД и морски лавови во Перу и Чиле.
Од јуни, најновата варијанта на Х5Н1 е пријавена кај птиците и другите животински видови во Азија, Африка, Европа и Америка.
СЗО соопшти дека од 2020 година во светот се пријавени десет случаи на заразување кај луѓето.
Научниците се загрижени дека зголемениот број случаи на Х5Н1, особено кај животните кои имаат контакт со луѓе, може да доведе до мутирана верзија на вирусот што лесно може да се шири меѓу луѓето, предизвикувајќи уште една пандемија.