Јавното обраќање на Симон Андов ја поттикна и Маја Стојанова, уште едно младо успешно лице од земјава, кое со сите дипломи и знаења стекнати во странство, не е доволно квалификувано за веќе завршениот конкурс за млади дипломати во македонското Министерство за надворешни работи. И таа реши ова свое разочарување да го сподели со македонската јавност.
Нејзиното писмо го пренесуваме во целост.
Јас сум Маја Стојанова, по професија доктор на политички науки, од областа на политичките науки. Моментално невработена. Во 2010 година дипломирав на политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Во октомври се запишав на постдипломски студии на ТЕМПУС програмата која се спроведуваше како проект од Европската Комисија на англиски јазик на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Ја одбранив магистерската теза во 2013 и истата година запишав докторски студии на насоката политички науки на истиот факултет.
Докторирав како најмлад доктор на науки на Правниот факултет со докторската дисертација „Предизвиците на либерализмот како политичка теорија и практика со осврт на РМ“ со просечна оценка од 10.
Во декември 2018 година, одлучив да аплицирам на огласот за млади дипломати кој го објави МНР. Самиот факт што министерството неколку денови пред да го објави огласот објави соопштение дека ќе биде објавен оглас, сите заинтересирани кои сакаат да се пријават навреме да си подготват документи, со оглед на претстојните новогодишни и божиќни празници, ми влеваше надеж дека ова е една од ретките можности за фер шанса. Особено, имајќи го тука предвид и фактот дека Законот за надворешни работи обврзува да не поседувате партиска книшка. И покрај сиот скептицизам решив да се пријавам на огласот. Се пријавив, и добив известување дека имам уредна апликација. Ги прикачив сите потребни документи, а во графата дополнително додадов сертификати и признанија кои не беа обврзувачки во огласот, но кои дополнително ја нагласуваат мојата компетентност за работното место за кое аплицирав.
Огласот, нормално согласно Изборниот законик беше замрзнат за време на изборниот период. Пред неколку денови кога видов дека се ставаат известувања за полагање на испит на административен службеник, отворив на својот профил и видов дека мојата апликација сега е означена како неуредна. Цел тој период од декември до денес отворав и во опцијата УВИД стоеше – „вашата апликација се разгледува“. Кога видов дека е неуредна апликацијата се јавив во Агенцијата за администрација и ми беше одговорено од Комисијата за селекција по јавен оглас дека сѐ би требало да е в ред. Кога прашав детално што може да се стори во ваква ситуација, службеничката ми одговори „не знам што да ви кажам јас и така не сум стручна за ова“. Се обратив до одредени државни институции и ми сугерираа да закажам состанок со одговорно лице во агенцијата. Отидов таму, и морам да кажам јавно дека бев примена најкоректно од вработените, но лицето кое беше надлежно да ме прими за оваа проблематика не беше на работното место. Ме прими друг секретар кој исто така беше исклучително љубезен и културен човек и ми рече дека одговорното лице ќе се врати дури во понеделник. Ми беше посочено дека неуредна апликација не се исправа и да се исправи по кој било основ би можела да бидам одбиена. Најсмешниот од сите нив ми беше дека огласот на кој сум конкурирала бара лице со 180 ЕКТС кредити, а јас со докторска титула имам 500. Што значи тој услов не го исполнувам.
Се прашувам како некој кој со 27 години станал доктор на науки на државен факултет, а кој зад себе има 20 години непрекинато образование, е неуреден кандидат во својата земја на оглас на кој се барат далеку помали критериуми од оние кои овој кандидат ги поседува? Во мојата земја досега имам работено во невладини огранизации како хонорарец и во неколку институции исто така како волонтер. Никогаш немам работено на работно место кое одговара на мојот образовен профил. Години наназад се обидував да допрам до институциите, но насекаде наоѓав на затворени врати. И покрај сите разочарувања јас континуирано работев на своето усовршување.
Сосема ми беше јасно дека формалното факултетско образование воопшто не е доволно за да се реализирате во својата област на соодветен начин. За сето тоа време кога државата ме шиканираше на секој можен начин во странство нижев успеси. Сум учествувала на могубројни семинари од мојата област, сум била предавач на летни школи и симпозиуми. Зборувам течно англиски, германски, шпански, турски. Автор сум на повеќе од 10 научни трудови во РМ и во странство меѓу кои во САД, во Германија, во Белгија и во Италија. Научниот труд кој беше објавен во САД беше прогласен за најдобар научен труд на годината од областа на теоријата и практиката. Уредник сум во студенското списание за општествени науки во Брисел, колумнист на Меѓународната федерација на млади либерали во светот, и од неодамна сум дел од авторскиот тим на Меѓународната асоцијација на атудентите по политички науки во светот. Минатата година бев избрана за коавтор за изработка на Стратегија за локалните избори во Белград. Како резултат на успешната соработка во декември 2017 година бев прогласена за Откритие на годината на Факултетот за политички науки во Белград.
Учествував на конференции во странство, на симпозиуми на школи… На мое огромно задоволство од конференцијата одржана во Бон, во февруари 2017 година добив награда за најдобар проект кој содржи најапликативни решенија од областа на локалната самоуправа. Од наградата следуваа парични средства за меѓудржавна соработка на проект поврзан со локална заедница во која живее или остварува контакт авторот. Ги понудив средствата на неколку институции во државата да се искористат за реализација на одреден проект за кој тие ќе сметаат дека ќе биде од најголема корист, но и тогаш не добив одговор, иако не барав ништо за возрат од предвидените средства. Напротив, за мене ќе беше доволно доколку успеат да се применат некаде, наместо да пропадне можноста за нивно искористување. Дури и тогаш институциите останаа неми. Меѓутоа сето тоа никако да допре ниту до јавноста, ниту до институциите во нашата земја во кои евентуално би можела да даде придонес личност која има вакви квалификации.
Немајќи веќе надеж дека овој случај ќе има било каква разрешница и во неможност на соодветен начин да добијам можност да ги истакнам своите квалификации, се обратив до одредени медиуми за да се објави приказната. Никој од нив не собра храброст да објави дека најмладиот доктор на науки во Македонија е невработен.
Дополнително, јас сум дете чиј татко го изгубил животот на мои 6 години. Со еден родител и со пензијата наследена од мојот починат татко успеав некако да се образувам и да станам доктор на науки, кој зборува 4 јазици, и кој се стекнал со признанија во земјата и во странство. За жал, вложувањата во понатамошното образование ги исцрпија и така скромните финансиски средства кои ги поседува моето семејство, така што не сум во можност ниту да си заминам од земјата. Сето тоа заврши со влошување на здравјето на мојата мајка. Со нејзината пензија не може да си ги купи потребните лекарства. Јавно кажувам дека мојата мајка излезе од болница во недела на вториот круг од претседателските избори да го исполни своето граѓанско право и да гласа и повторно се врати назад. Алармирав за мојот случај до многу институции и до многумина од политичарите. Реков дека освен знаење, искуства од странство и дипломи немам што да понудам повеќе.
Морам да кажам дека тие секогаш беа тука да кажат „БРАВО“ на секој мој успех во странство, а кога ќе дојдеше време да се реализирам во мојата земја тогаш ги немаше никаде. Република Северна Македонија нема слух за вработување на дете на самохрана мајка кое од прво одделение останало без својот родител. Оваа земја која во моментот „моли“ за датум во пријателска Германија нема работно место за докторот на науки кој донесе државна награда од Германија. И покрај сите признанија и награди, научни трудови, учества на странски симпозиуми јас одбрав да аплицирам на оглас во институција во која без положен испит за административен службеник не се влегува на работа. Аплицирав за работно место приправник со плата која е не е на ниво на доктор на науки, но и тоа не ми беше важно. Ми беше јасно дека дипломатското напредување е кариерно напредување и дека за тоа треба време, труд, знаење. Го прифатив тој предизвик. Никогаш не се повикав на сето она што го постигнав во странство, за каде било што сум аплицирала. Напротив, сакав да одам по регуларен пат, па ако се покажам како најдобар кандидат на селекцијата, тогаш да бидам примена, ако не, јас сум виновна сама за својот неуспех.
Од друга страна реалноста е сосема поинаква. Со договор на дело од 1 година се бираат луѓето кои ќе работат во државни институции, после таа година се распишува оглас и истите тие лица одат го полагаат административниот испит и добиваат решение за вработување и си продолжуваат да си работат. Додека јас носев награди и признанија од странство, овие службеници ги гледав како се фотографираат во работно време по социјалните мрежи.
Не сум побарала ниту друга опција, како најмлад доктор некој да ме именува или да ме назначи за советник, за соработник, или за било што друго што ѝ е потребно на државава и што е соодветно на моите стекнати квалификации.
Конкретно, за овој оглас позајмив пари да ги извадам сите потребни документи, а мене ми е оневозможено да полагам на испит за кој се подготвувам од пред нова година.
Апелирам, да се испита како поединци добиваат можност со несоодветно образование, со недоволно приложени докази за неформално образование, да полагаат испит за административен службеник? Како поединци се вработуваат на времени договори? Како добиваат можност за пракса, пред да бидат избрани на јавен оглас? Како во одредени државни институции се врши трансфер по основ на интерен оглас дури на поединци кои не поседуваат високо образование? До кога spoils и merit системот ќе ги мешаат лончињата?
И за крај, не дека бев толку наивна па верував дека ќе добијам шанса во оваа земја. Имам премногу разочарувања, порази и падови насобрано од сите владеачки структури досега што тешко дека ќе ми влеат некоја нова надеж. Но, се надевав дека сега, пред почеток на преговори на Северна Македонија ќе ѝ требаат луѓе кои можат да придонесат во целиот овој процес. Во име на тоа понудив и бесплатно да работам извесен период додека не ми го најдат соодветното место и за тоа бев одбиена.
Кога одам во соседна Србија, во Германија и во која било друга странска земја не можам да објаснам како најмлад доктор на науки не може да се вработи. Како е безгласен дома, а во светот е почитуван неговиот труд. Не можам и не сакам да го кажам она со кое се соочив и при овој обид да се реализирам во својата професија – дека Северна Македонија е земја која не само што не дава шанси на најдобрите, туку им ја одзема и надешта и ги тера „да се откажат самите од себе“.
Северна Македонија има многу умови. Сигурно и многу поголеми од мене. Но ќе мора да престане да ни го зема она што ние можеме да ѝ го дадеме.
За момент поверував дека и јас имам нешто што можам да ѝ дадам на оваа земја. Верував дека имаме огромна историска шанса да направиме нешто големо тука. Не прашував колку ќе имам плата, колку време ќе спијам, колку време ќе треба да поминам на работното место… Можев да го подарам сето свое време и ум на својата земја со драго срце и заедно да кажевме на крајот – „успеавме“. Нема поголем успех од тоа да бидеш успешен дома и нема поголемо разочарување од тоа да успееш надвор од својата земја, а дома не…
Срдечен поздрав,
Д-р Маја Стојанова
извор: МКД.мк