Воспитувањето на децата треба да започне уште од раното детство, со цел умствените способности на детето од првата нивна појава, уште од почетокот, да бидат насочени кон убавото, доброто, вистинитото и да се оддалечат од лошото, недоличното и лажното. Оваа возраст може да се смета за најцврстата основа врз која ќе се гради наравственото и умственото образување на детето. Зашто Фокилид вели: „Уште додека е дете треба да се подучува во добри дела“, бидејќи токму од детската возраст, како од почетна линија, човекот ја започнува трката што ќе ја трча во текот на својот живот. Свети Василиј Велики открива: „Душата, додека сѐ уште е способна за обликување и мека, додека сѐ уште е како восок што лесно се топи и лесно ги прима отпечатоците на облиците што се втиснуваат врз неа, треба вистински и уште од почетокот да се поттикнува на секаков вид вежбање во добродетелта, така што кога ќе дојде разумот и ќе се појави способноста за разликување, ќе се отвори патот од првите начела и од предадените образи на благочестието, со разумот што ќе го предлага корисното и наравта што ќе создава средства за да го исполни тоа“. И навистина, кој нема да се согласи дека тие први впечатоци што настанале за време на детството остануваат засекогаш? Кој се сомнева во тоа дека на мали години тие впечатоци се одразуваат толку силно врз нежната душа на детето што низ целиот негов живот ќе останат живи?
За воспитувачи на таа возраст природата ги има одредено родителите, особено мајките. Затоа е потребно, поради таа возвишена должност на воспитувачот, тие мајки да ги воспитуваме правилно и внимателно, бидејќи истите ќе им служат на своите чеда како икони и примери, чии отпечатоци ќе бидат нивните деца. Детето до толкава мера ги последува доблестите или грешките на мајката, дури и гласот нејзин и навиките, наравта и однесувањето, што лесно би можело децата да се споредат со бакарните плочки на фонографот, кои прво ги примаат стапките на гласот, а потоа повторно го испраќаат гласот со истата височина, истиот израз, истата боја, со којашто бил испуштен. Секој гест, секој збор, секое движење и секое дело на мајката станува гест, израз, збор, движење и дело на детето. Затоа Астериј во петтата беседа за Евангелието според Матеј вели: „Едно од децата ќе ја зачува сличноста со гласот на својата мајка, друго ќе го преземе поголемиот дел од нејзиниот карактер, трето ќе се обликува според наравственото положение на онаа што го родила“. Преку постојаната заедница на мајката со своето дете и покажувањето на истите склоности, мајката влијае врз душата и наравта на детето, и таа е првата што му го дава првиот поттик кон доброто.
Мајката со еден поглед, со еден бакнеж, со нејзиниот кроток глас и нежните милувања може веднаш во срцето на детето да го разбуди стремежот и наклонетоста кон доброто. Така и со само еден неодобрувачки поглед, со една солза што паѓа на нејзините образи, со еден израз што ја покажува тагата на нејзиното срце, таа може да го оддалечи детето од најголемата опасност за неговото срце. Детето одгледано во мајчинската утроба и топлено во мајчинската прегратка почнува да љуби уште пред да ја разбере смислата на љубовта и ја потчинува својата волја на етичкиот закон уште пред да ја разбере неговата смисла, и само мајката е најсоодветна да ја разбуди во срцето на детето првата помисла за Бога. Затоа свети Василиј Велики (во 223-то писмо) вели: „Претставата за Бог што ја примив во детството од мојата блажена мајка – таа претстава што созреа, ја носев во себе. Имено, не одев од едно на друго во созревањето на мојот разум, туку ги исполнив оние начела што ми беа предадени од неа“. И најголемиот од денешните педагози, Песталоци, припишувајќи ѝ го на мајката целото воспитување во верата на детето, тврди: Верував во мојата мајка. Нејзиното срце ми Го покажа Бог. Мојот Бог е Богот на мајка ми. Богот на моето срце е Богот на нејзиното срце. Мајко, мајко! Ти ми Го покажа Бог во твоите повелби и јас Го најдов во моето послушание. Мајко, мајко! Кога би Го заборавил Бог, би те заборавил и тебе.
Но, како што секое добро дело, секој добар збор и секое добро расположение на мајката го сочинуваат камен-темелот на добрите дела, зборови и расположенија на детето што ќе произлезат од него, така и секое лошо дело, збор и расположение на мајката го содржи погубното семе од коешто ќе произлезат лоши дела, зборови и расположенија на детето, поради што детето станува како неговата мајка. Ако душата на мајката е, значи, безобразна и порочна, или оцрнета, или расипана, или сурова и груба, и наклонетоста нејзина е лоша, нејзиното однесување, пак, соблазнително, а не благочестиво, или ако е наклонета кон бесчестие или гнев, или кон блудни страсти или омраза, и кај детето брзо ќе никнат пупките на тие лоши пороци. Но, ако наместо тоа душата на мајката е боголика, чиста, весела, невина и исполнета со страв Божји, и наклонетоста нејзина е благородна и света, а нејзиното расположение мирно, богољубиво и човекољубиво, тогаш и душата на детето, одразено во такво огледало и несвесно последувајќи ја, станува слично на неа и со текот на времето ги покажува пупките на доброто семе. Затоа, кога великиот Наполеон прашал еден познат педагог – Кампан: „Што ѝ треба на Франција за да се стекне со добри и чесни мажи?“, умната жена му одговорила на владетелот: „Мајки“. „Тогаш назначи доволен број такви жени за таа важна народна цел“, рекол великиот човек.
Поради големото влијание што го имаат врз нивните деца, мајките можат да ги образуваат според својот личен карактер, исто како што грнчарот ја работи глината според својата лична претстава. Што се однесува до лесната за обработка возраст на детството, Диоген го има кажано следново: „Воспитувањето на децата е слично на обработката на глината; имено, како што грнчарите додека е мека глината ја делат како што сакаат и ја обликуваат, но не можат да ја обработуваат повеќе откако ќе се испече, така и младите можат да бидат воспитувани без напор, но кога ќе пораснат, стануваат неподатни за обработка“. Плутарх (во делото „За воспитувањето на децата“) вели: „Младоста е лесна за обликување и податна, и поуките се примаат лесно од нивните меки души“. За време на нежната детска возраст, мајките можат поопределено и подлабоко да влијаат врз душата, мислите, чувствата, умот, фантазијата и наравта на детето, бидејќи во следните години, кога срцето на детето ќе стане потврдо, воспитувањето, ако не стане дури и целосно невозможно, значително е отежнато, како што точно покажува божествениот Златоуст: „Требаше уште од почетокот да ги предвидиш тие грешки и кога беше послушен и сѐ уште млад да го зауздаш со строгост, да го навикнеш да си ги врши обврските, да го воспиташ и да ги совладаш болестите на неговата душа. Требаше да го исечеш трњето кога беше полесно, кога беше помало, па ќе можеше полесно да се искорени, а страстите немаше да се запостават и засилат, и да станат несовладливи. Затоа во Светото Писмо се вели: „Наведни му го вратот додека е млад“, зашто така воспитувањето на децата ќе стане полесно“.
Според тоа, мајките, како поради нивниот возвишен повик така и поради нивната лична вредност што е независна од таа служба, треба уште од рана младост да го примат нужното воспитување. Воспитувањето, пак, што им е нужно, е она што како негов предмет го има образувањето на умот и на срцето, бидејќи тие две нешта се двете јадра околу кои се одвива умственото и наравственото образување на човекот. Ако едно од двете се запостави, образувањето останува недовршено и нееднакво. Умот и срцето, иако се органи на една иста душа, сепак имаат потреба од различни средства и начини за образување, бидејќи срцето, поради своето чувство, му припаѓа на натприродниот свет, но умот, поради неговиот разум, на природниот. Поради тоа, и двете треба темелно да се обучат во сопствените вистини. Нивните сопствени вистини се: за умот – образованието, а за срцето – побожноста. Значи, на нашите девојки треба да им дадеме и образование и побожност, за и тие да можат да им ги предадат тие нешта на нивните чеда. Образованието и побожноста се двата сјајни светилници кои го водат човекот што плови по морето низ разбранетиот пат на неговиот живот, кои го чуваат од секој бродолом и го оддалечуваат од секој опасен гребен. Тоа се двете очи на душата, низ кои таа гледа наоколу и непречено чекори кон благосостојба и спасение. Тие се двата духовни органи што го усовршуваат човекот и го покажуваат достоен за неговото возвишено потекло, и за неговото возвишено место во светот. Само на тој начин образуваните мајки можат да дадат добродетелни деца, добри граѓани и благородни мажи. Светли примери за тоа ни се мајките на сите велики и добродетелни мажи.
Мајки – светителки чии деца, исто така, се светители
Светли примери за тоа ни се мајките на светите три јерарси – на свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и свети Јован Златоуст.
Стремејќи се да ги воспитаат своите деца колку што е можно посовршено и да го просветлат нивниот ум со хеленската мудрост и наука, тие мајки воопшто не се плашеле своите деца да им ги доверат на учители – јазичници, за да се развијат соодветно и на умствен план. Инославието на учителите не го сметале за важно, бидејќи биле уверени во себе, биле уверени во тоа дека преку својот личен пример во срцата на своите деца целосно им ја всадиле љубовта кон вистинското образование и пламената ревност за верата. Знаеле дека ништо нема да биде доволно силно за да ги разниша начелата на побожноста и уверувања на нивните синови, бидејќи тие начела и уверувања биле грижливо изградени врз карпа!
Следејќи ги, значи, нивните уверувања, Нона и Емелија, добрите и благородни мајки на свети Василиј и свети Григориј, ги пратиле своите деца во Атина, во срцето на образованието и просветата, но и во средиштето на идолопоклонството, каде што паганската вера била востоличена во сиот свој раскош. Меѓутоа, не биле разочарани во нивните уверувања, бидејќи двајцата младичи во длабочината на своите срца го имале живиот оган на верата во Христа и останале неповлијаени во целиот тек на нивното образование. Ниту се поколебале поради учењето на софистите, кои систематично воделе војна против Христијанството, ниту се соблазниле од раскошните обреди на паганските служби, туку останале крепки и живи во своите верски уверувања, и се вратиле кај своите мајки, давајќи им се како награда за трудот што го вложиле во нивното воспитување, за мајчинската грижа и за нивната добродетел. А наградата била навистина многу голема, бидејќи ги примале назад своите синови како членови на Христа, значи, како нивни членови, бидејќи оној што не е член на Христа не е ни член на мајката-христијанка, бидејќи мајката-христијанка, која е член на Христа, не може да има туѓ член, расипан член, болен член. Да си заминеа синовите, тоа ќе значеше пропаст за нив! Затоа, чувањето на верата од страна на нивните синови со право можеме да го наречеме нивна награда, награда што никогаш немало да ја добијат ако мајките не биле образувани христијански. И мајката на свети Јован, добрата и благородна Антуса, која станала вдовица на дваесет години и имала само еден син, целосно се посветила на неговото воспитување, ценејќи ја грижата за воспитувањето на нејзиниот син повеќе од втор брак. Но, исто така, кога нејзиниот највозљубен син – единороден, станал полнолетен и имал потреба од повисоко образование, не се колебала да го даде во рацете на пагански учител за да ги развие неговите умствени способности. Увереноста во нејзината вера била увереност во нејзиното дете, бидејќи знаела дека излеала сѐ врз својот возљубен син. И не се разочарала, затоа што веднаш откако ги завршил своите студии и откако поработил кратко време како говорник, свети Јован се предал на служба на Црквата.
Ливаниј, учителот на свети Јован, бил многу огорчен што не успеел да го преобрати Јован во неговата вера. „Оф, леле!“, извикал, „какви жени има меѓу Христијаните!“, означувајќи ја со тие зборови причината за својот неуспех. Колку убаво, навистина! Какви светли примери ни се овие благочестиви мајки! Какви чудесни икони! Какви чудесни праобрази! Кој може да порекне дека токму мајките ги создаваат големите и добродетелни мажи? Затоа Русо во неговиот Емил вели: „Мажите сакаат секогаш да бидат такви какви што жените посакуваат тие да бидат; ако сакате мажите да станат велики и добродетелни, научете ги жените што е величие и добродетел“. Значи, мајките треба да ги образуваме согласно примерите што ги имаме и да почнеме со таа грижа уште од нивното детство, за да бидеме сигурни во нивната идна плодотворност и дела.
Треба, значи, нашите ќерки да ги образуваме во верата и умствено, за да ги покажеме достојни за нивниот повик. Треба благочестивото воспитување и подучената вера да бидат подеднакво присутни, бидејќи тие две нешта се единствените сигурни сокровишта за време на патувањето во овој живот, што можат да му помогнат на човекот на различни начини.
Едностраното воспитување е за осуда и води кон следниве две непристојни работи: или кон суеверие, или кон презир на божествените работи, бидејќи таквата положба е природна последица и непосреден происход на видот на воспитување што бил применет.
Умственото и верското образување се две разнородни дрва, посадени на иста почва, на кои треба да им се посвети подеднакво внимание и грижа за нивниот напореден раст. Бидејќи, нееднаквото одгледување ќе донесе несразмерен раст, што како последица ќе го има расцутувањето на едното и неговото преовладување, од една страна, и исушувањето на другото и неговото ослабување, од друга. Зашто, доколку вниманието се насочи само на умот, неизбежно е разболувањето на чувството за верата кај човекот. Но, доколку нашето внимание е, пак, насочено само на верата, и тоа необразуваната, умствените сили ќе овенат и ќе отрпнат. Последиците од првиот случај ќе бидат неверие и безбожие што ќе ги следи неизмерен ужас. Последиците од вториот, пак, ќе бидат суеверниот страв, погибелта на човештвото, кое држи оган и меч во рацете, и секому што мисли поинаку му се заканува со смрт. Тоа се последиците од едностраното образование и несовршеното воспитување на мајките.