Македонците јадат многу леб, а малку месо!

ИЗВОРnovlist.mk
|

Се повеќе житарки и тестенини, а се помалку риба и месо. На просечната трпеза во Македонија преовладуваат производите кои се најевтини.

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека просечниот Македонец на ден јаде по нешто над 200 грама леб, околу 100 грама други житарки и 20 грама тестенини.

Кај зеленчукот најконсумирани се компирите, по околу 80 грама, следат оризот со 20-на грама, гравот со 15, кромидот и лукот со по околу 30, исто колку и зелката. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60.

Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје, кајсиите и праските едвај надминуваат 10 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најмногу се јадат пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.
Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 30 грама шеќер, околу 8 грама кафе и какао и околу 20 грама чоколади и кекси.Според последните достапни податоци потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец. Просечната потрошувачка на цигари по човек е 2.2 на ден.

Од друга страна статистиката мери пад на трошоците за живот од 0.1% за една година и раст на просечната плата од 4.4%.

Според најновите податоци на ДЗС во ноември 2019-та во однос на ноември 2018-та храната и пијалаците поскапеле за 1.1%, алкохолот и цигарите за 5.1%, мебелот за 1.1%, трошоците за здравје за 1.5%, за рекреација и култура за 0.1%. Облеката и обувките поевтиниле за 2.5%, режиските трошоци за 0.4%, транспорт за 6.8%, комуникации за 1.8%, образование за 0.3%. Цените во рестораните и хотелите како и за останати стоки и услуги останале непроменети. Кога се ќе се собере и одземе вкупните трошоци за живот, според пресметките на статистичарите, се намалиле за 0.1%.

Според пресметките на Сојузот на синдикати (ССМ) минималната потрошувачка кошница за четиричлено домаќинство во септември (најнови податоци) била тешка 32.671 денар. Од нив дури 13.642 денари одат на храна, 10.389 денари се потребни за сметки и одржување на домот, 2.314 денари за хигиена, 2.408 денари за превоз.

Од друга страна просечната плата пораснала за 4.4% за една година. Според податоците на ДЗС во септември изнесувала 25.435 денари.