Македонците пак возат стари коли, за 6 и пол илјади зголемен увозот на половни автомобили

ИЗВОРТелма
|

Mакедонските граѓани никако да достигнат стандард да купуваат нови автомобили. Годинава расте увозот на половни возила во однос на лани. Според податоците на Царинската управа, за 11 месеци од 2018 година се увезени над 27 илјади употребувани патнички автомобили, наспроти истиот период лани, кога се увезени 20 илјади и 500, значи бројката годинава пораснала за 6.500 возила.

Ова се случува и покрај тоа што властите пред извесен период ги заострија правилата за увоз на нееколошки автомобиоли, токму со цел да се намали енормното загадување кое е особено драматично изразено во зимските месеци. Најмногу се увезувале половни возила во октомври, исто како и минатата година. Покрај автомобилите, се увезуваат и половни товарни возила, како и автобуси и минибуси.

Царината годинава се офајдила со добри приливи, за 11,1 отсто се натфрлени приходите што ги собира оваа институција во однос на 2017 година. Заклучно со 21 декември наплатени се 1,38 милијарди евра приходи, што е повеќе и во однос на планот за годинава, за околу еден процент.

„Подобрената наплата на приходите се должи на подобрувањето на царинските процедури и на работата на царинските службеници, но и на финансиската дисциплина на економските оператори“, рече Танасоски.

Воведувањето на новиот интегриран софтвер за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе биде главниот предизвик за Царинската управа во наредната година. Новиот софтвер првично како пилот проект ќе биде воведен во неколку царински испостави во текот на февруари идната година, а целосно ќе биде функционален на крајот од вториот квартал од годината. Со него се заменува веќе застарената процедура од 1994 година која предизвикуваше многу застои и проблеми, и за четири часа ќе се скрати времето на чекање на камионите на економските оператори на границата со што ќе се предизвикаат заштеди од 5,2 милиони евра за компаниите.

Нина Нинеска-Фиданоска