Најуспешниот македонски натпреварувач и европски шампион во категоријата на ридско-брзински автомобилизам Игор Стефановски Иџе, за две секунди го подобри рекордот на патеката на Водно, во склоп на 37-от Меѓународен ридски натпревар кој се одржа викеднов на Водно.
На натпреварувањето кое се одржа во неделата на 21.07.2019, македонскиот најуспешен натпреварувач и европски шампион во трките од оваа категорија, Игор Стефановски Иџе, постигна рекорд од 02:02:09. Постигнатото време е за 2 секунди подобро од последниот рекорд.
Интересно е тоа што за првпат во историјата на ридско брзинските трки на Водно, Македонец е сопственик на поставен рекорд. Според шампионот Стефановски, конечно е исполнет сонот. Постигнат е долго посакуваниот рекорд.
– Ми беше криво што натпреварувачи од други земји го имаа рекордот на патеката, која беше главна за моите почетоци во автомобилскиот спорт. Јас го имав македонскиот рекорд, но не и севкупниот рекорд на оваа патека. Конечно мисијата е завршена. Јас како Македонец сум горд што го имам и македонскиот, но и рекордот на оваа патека воопшто. Им се заблагодарувам на луѓето од мојот тим. Тие овозможија овој автомобил кој е подготвен за друг вид на натпреварување, да се приспособи за да можам да настапам на оваа трка – рече Иџе.