Сега е еден од најмладите воздухопловни инженери во Италија, постдипломец по авиомеханика и иден пилот на комерцијални летови
Отсекогаш сум бил љубопитен кога станувало збор за авиони и пилотирање. Уште од дете ме фасцинираа авионите и нивните системи за летање. А и сакам да летам. За мене летањето е слобода. Вака 23-годишниот Александар Петков, дипломец на престижниот италијански факултет „Политехнико ди Торино“, ја почнува својата приказна за тоа како му се остварил сонот на едно 8-годишно дете од Делчево. Сега е еден од најмладите воздухопловни инженери во Италија, постдипломец по авиомеханика и иден пилот на комерцијални летови.
Течно зборува 4 јазици
Роден е во 1996 година, а со семејството заминал во Италија кога имал осум години. Таму е веќе 15 години и моментално со мајка му и со сестра му живее во Чераско, во близина на Алба. Сега е магистранд, приватен пилот и пасиониран саксофонист. За да ни раскаже како се остварува животниот сон, му украдовме малку од времето меѓу летањето и дружењето со пријателите од факултет.
– Дојдов во малото гратче Ла Мора, на северот на Италија, кога имав осум години. Тоа беше пред почетокот на второто одделение. Сè ми беше ново. И мене и на сестра ми, која е постара од мене, но лесно и брзо се приспособивме тука, во нова средина, со нови луѓе, други другарчиња, нов менталитет и нова култура. Во Ла Мора, каде што тогаш работеа моите родители, го завршив основното образование – раскажува Александар.
Првите две години од средното образование ги завршил во Алба, во средно научно училиште. Во Италија, како што вели, ја понел и страста за авионите и затоа одлучил средното образование да го продолжи на Воздухопловниот технички институт во градот Удине. Благодарение на високиот просек што го имал, последните три учебни години ги завршил за две и Институтот му дозволил да матурира една година предвреме.
Во текот на средното стручно образование почнал да лета со мал авион, како дел од практичната наставна програма.
– Сонот почна да ми се остварува. Веќе не бев осумгодишникот кој гледајќи ги авионите како прелетуваат на небото, мечтае еден ден да седне во пилотската кабина. Летото помеѓу трета и четврта година полагав и ја добив првата дозвола за летање. Тоа е ППЛ-дозвола (Прајват пајлот лајсенс), односно дозвола за приватен пилот. До таа диплома се стигнува со положени тестови по теорија и практика и мора да се има најмалку 45 часа лет, со и без инструктор – вели Александар.
По гимназијата, по четврти пат ја менува средината. Заминал во Торино, каде што се запишал на престижниот факултет „Политехнико ди Торино“.
Целиот текст прочитајте го на ФАКУЛТЕТИ.