Македонија има „нова десетка“, Здравко Чолиќ со поддршка за фудбалерите (ФОТО)

ИЗВОРСкопје24
|

Една од најголемите балкански музички ѕвезди, Здравко Чолиќ, им приреди големо изненадување на македонските фудбалски репрезентативци, на утринскиот тренинг на селекцијата.

Македонија се подготвува за јунскиот квалификациски циклус за ЕУРО 2020 година, а своја поддршка ќе има од легендарниот пејач. За возврат, Чолиќ доби подарок дрес од нашиот национален тим со бројот десет на грбот и неговото презиме.

Здравко Чолиќ на 15-ти овој месец во Скопје ќе одржи трет спектакуларен концерт и тоа овој пат најголем, па затоа ќе се обиде да ја напочни арената „Тоше Прески“.

Пред концертот на скопскиот стадион, балканската музичка ѕвезда, веќе неколку пати допатува во Скопје и одржа средба со новинарите на која разговараше за деталите околу концертот, за Евровизија, музиката…

Концертот се најавува како најголем досега, со одлична продукција за македонски и балкански услови. Сцена над 50 метри, височина 20 метри, специјални ефекти, гудачки оркестар, пиротехника, специјални гости, многу изненадувања…

Организаторите очекуваат повеќе од 60.000 посетители на концертот.

Од наша страна ќе биде се професионално изведено. Се зависи од повеќе околности, пред се од времето. Знаете летните настапи, концертите во тој период на отворено секогаш зависат од времето. Репертоарот секогаш е оној што го знае публиката, но самата енергија е посебна на стадион и тоа е нешто што го издвојува стадионот од, да речеме, концертна сала, спортска сала или некои простори кои се затворени и кои можеби се поинтимни. Овде има една голема енергија, потполно е различно чувството, и самиот концерт. Со оглед на тоа дека во Скопје сум настапувал и на плоштадот и во различно концертни и спортски сали, ова е сега вака реновиран стадионот, освен тоа што е посебен предизвик, мислам дека не знам што би можело да се посебно освен мене и публиката. Би сакал само да има добро расположение, а со ваква публика како што е македонската нема да изостане, истакна Здравко.

Моќна е самата помисла на присуството на 60.000-70.000 луѓе на едно место, она што не може ниту еден политичар да го направи, му успева на Здравко.

Не знаеме сеуште колку публика ќе има, но мислам дека е убаво кога има многу публика на вакви настапи. Јас во Скопје сум го одржал најпосетениот концерт во мојата кариера. Мојот најголем концерт во животот е на плоштадот во Скопје. Имаше проценки дека присуствувале 120.000 луѓе. И стадионот „Маракана“ потоа во 2001 малку помал концерт. Стадионите се простори кои се мошне импозантни, но на крајот воопшто не е важно колку посетители има, важна е енергијата на публиката која се создава и кога се настапува на помал простор. Енергијата е важна, за луѓето да го запаметат тој настан како една убава вечер, рече Чолиќ.