Пописот покажа дека Македонија го губи младото и работоспособното население. Бизнисот предупредува дека земјава останува без работници и дека ќе биде принудена да увезува од странство. Економските аналитичари порачуваат државата да почне со реформи со кои ќе се спречат ваквите негативни трендови.
Триесет годишната Ана Ефтимова веќе три години работи во Германија во фирма која посредува за вработувања. Вели дека кога ја добила понудата за работа во странство не се двоумела дали да ја прифати. Одлучила да си замине од Македонија поради подобрите услови за живот и работа.
„Иако не беше лесно сепак знаев дека тоа ќе биде вистинската одлука. Имав прилика да работам три месеци на проект во Германија, што ми овозможи вистински да ги почувствувам разликите помеѓу животот во Германија и Македонија, почнувајќи од подобриот животен стандард, здравството, работничките права, повисоките приходи, организираниот јавен транспорт, па се до културата, пристапот до производи и услуги како резултат на модерното општество и поврзаноста со остатокот од светот“, вели Ефтимова.
Изминативе години незјината професија се развива во Македонија, но нуди и можности за работа во странство што многумина млади ги користат за да заминат од земјава.
Ана вели дека и многу од нејзините колеги го направиле истиот чекор како неа.
„Бидејќи останав во контакт со дел од колегите со кои што работев во Македонија, се почесто слушам од нив дека размислуваат да ја напуштат државата и да работат во странство, а познавам и такви кои што веќе се имаат иселено во последниве 2-3 години“, додава Ана.
Таа е една од стотиците илјади млади кои во изминативе години се иселиле од земјава и е дел од поразителните статистики од пописот, кои покажаа дека бројот на стари луѓе се зголемува на сметка на огромното намалување на млади и работоспособни луѓе.
Имено, од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население паднал за 12,4%, додека во исто време бројот на старо население над 65 години се зголемил за 17,2%.
Целиот текст можете да го најдете на Радио Слободна Европа со клик ТУКА.