Свеж и чист воздух, температура многу пониска од таа во урбаните средини, жубор на вода и неверојатна вегетација – убавина што ја нуди Македонија, а малкумина ја користат. Велат мијачкиот крај е еден од најубавите краишта во земјава. Причини да се посети местото во пазувите на Бистра и на Стогово има многу. Недопрената природа на 1.100 метри надморска височина е вистинско место за одмор, но, како што велат старите гарци, само за тие што знаат да уживаат и ја сакаат природата. Гари живее во лето. Во зима живот има во две-три куќи. Но во лето гарци се враќаат дома. Дел од куќите се сосема нови или обновени, во препознатливиот и оригинален охридско-крушевски стил на градење. Речиси секоја куќа е полна и отворена за тие што решиле да го посетат селото. Седевме во куќата на дедо Блажо Дојчиновски. Голема бела куќа, со кафени прозорци, куќа што го зачувала стариот стил. Ни раскажуваше интересни приказни за селото, за животот некогаш, за тоа што е Гари денес. Ќе ја слушнете приказната за килимарата во која работеле 120 жени и ги произведувале најдобри персиски килими што ги продавале во Германија. За задругата, за кулаците, за забавите и за музиката. Ќе ја слушнете приказната за печалбарите, за Димко Шангај, кој на времето како печалбар стигнал најдалеку, дури до Кина. Ќе ви раскажат за фудбалските натпревари на игралиштето, каде, како што умеат да речат, имало вистински голови уште во времето кога во Скопје обележувале голови со камења. Уживаат да зборуваат за нивниот подготвен тим, кој ги победувал тимовите од Мелничани, од Лазарополе и од другите околни села. Со гордост зборуваат за струјата што ја имале кога градовите немале, за малото кино во педесеттите години на минатиот век, за неверојатната вода.
Блажова чешма И нашиот домаќин оставил белег во Гари. Недалеку од неговата куќа, во горниот дел од селото ја има направено чешмата, денеска позната како Блажова чешма. Се наоѓа на спротивната страна од крстот. Убаво уредено место, гордост на дедо Блажо. Вели ја направи со помош на другите селани.
– Треба одржување, до кога можам можам, потоа ќе ја пренесам на други.Кога ќе заминам јас чешмата ќе остане да тече – вели тој.
– Водата е посебна. Да испереш нешто неверојатно бело излегува. Да го вариш гравот на гарска вода ќе биде поинаков од тој со скопска вода – велат тие.
И додека разговаравме, помина една млада брачна двојка, која дошла да го посети селото. Дедо Блажо веднаш ги покани на кафе за и тие да ги слушнат гарските приказни. Гари го населиле храбри и гостопримливи луѓе. Се чувствувате добре дојдени во секое време. Особено им е задоволство да слушнат дека сте прошетале во планината, сте ги посетиле тие интересни места, кои се гордост за гарци. Велат што се гарци, гарци се, ама што не се гарци, кога ќе се залепат за Гари не се одлепуваат.
– Се менуваат луѓето. Младината не е иста како порано. Порано доаѓаа млади во групи и секој ден одеа на Стогово, да видат природа, потоци, бачило… Ако не го направиш тоа, како да не си бил во Гари. Се чекаа на свијокот од каде што се гледа Гари и се довикуваа „ајде одиме“. Беше интересно. Но во последните 10-15 години младината е поинаква. Доаѓа тука, ни планина ги интересира, ни живописност, ни извори. Станува во 10-11 часот. Промената е во технологијата. Станува, зема лаптоп, и не ја доживува природата и убавината. Младите не одат пеш. Треба да им е мала планината да ја прошетаат. Тие не ја доживуваат таа убавина – вело дедо Блажо носталгичен за годините што поминале.
Секој гарец остава свој белег Селото со околу 100 куќи плени со својата интересна архитектура, кладенците со студена вода, интересната поставеност под падините на двете планини. Порано ова било збиено село, покрив до покрив. Денеска бројот на куќи е намален, но парцелите никој не ги продава. Ако го продадат местото, умира презимето, фамилијата гасне, се битисува. Куќата кога ќе ја продадеш и да има кој да го наследи презимето, тоа умира.
Насекаде околу Гари има поставено клупи на кои може да уживате во убавиот поглед. Над селото се наоѓа крст, каде што на клупите често ќе сретнете луѓе што уживаат во убавата глетка. До него се доаѓа лесно. Гарци раскажуваат дека е подарок од нивни земјак.
– Во 1963 година сите бегаа од тука. Сите заминуваа, како да е крај на светот. Но научени сме на поинаква клима. Скопје беше претопло. Уште тогаш се роди идејата да ни жубори гарска река, да го дишеме воздухот од буките и од багремите гарски. Во тоа време формиравме Мијачка родољубива фондација. Организирани сме во 1970 година. Не дозволивме да пропадне. Спасувавме од канџите на заборавот. Многу имаме заборавено. На Гарска Река имало 12 воденици. Имало пилани, влачари, валавици… Го заштитивме селото. Гари е музеј под отворено небо. Има места од каде што со еден кадар може да го фотографираш целото село. Во тој склоп на единство сите дававме, ама сѐ одеше како во бунар. И некои што беа помоќни и им лежеше Гари на срце, решија да направат по нешто за селото. Така еден нашинец направи крст пред неколку години. Остави траен спомен за Гари – ни вели дедо Блажо.
Гарската вода донесе инвестиција Хрватската компанија „Мали Лошињ“ почна со изградба на фабрика во Гари, во која ќе полни вода за пиење од околните извори. Производствената хала ќе биде со површина од 2.200 квадратни метри и ќе има магацински дел, со управна зграда, како и дополнителни простории како лабораторија, кантина и друго. Фабриката е лоцирана на пет километри пред селото, покрај регионалниот пат Бошков мост – Извор.
Приказната ја продолжува со Висок Камен, необична карпа создадена од природата. Вели, тоа е амблем на Гари. Селаните се погрижиле кај необичниот камен, кој изгледа како луѓе да го вајале да направат пријатно место за одмор. Навечер каменот е осветлен, од кладенецот блика вода, а клупите се одлично место да го испиете вашето утринско кафе или навечер да уживате во звуците што ги создава природата. Во близина се и малите водопади на Гарска Река. Но дедо Блажо пак се врати на она истото – младите денеска не ја доживуваат природата, не практикуваат да се собираат кај Висок Камен.
Еленски скок – симбол на храброста и на истрајноста Првата дестинација на сите што одат кон Гари и кон Лазарополе е мостот Еленски скок, изграден во периодот на турското владеење. Жителите имаат повеќе интересни приказни за мостот. Едната вели дека е изграден по наредба на турски бег, кој за време на лов ранил елен, кој бегајќи од своите гонители, иако бил ранет, успеал да ја прескокне Гарска Река, а потоа умрел. Бегот решил на тоа место да се изгради мост, кој ќе претставува симбол на храброста, честа, силата и борбата во која се истрајува до последен здив. Овој мост се наоѓа на местото каде што минувал некогашниот римски пат Виа Игнација.
На Богородица грми Во селото се наоѓа малата, но прекрасна црква „Св. Богородица“, од 1860 година. Во неа иконостасот е изработен од жители на селото, Филип, Петре и Марко Даборесци. Нашиот домаќин е нивни правнук. Во горниот кат од црквата е одајата за невестите и за девојките. Тука, ако погледнеш нагоре, меѓу иконите се гледа око. Окото е нацртано во триаголник, и како и да се движите, тоа постојано ве следи. Првата асоцијација, како што се претпоставува во документираните записи за Гари, е дека тоа е масонско око. Ама локалните жители не знаат да објаснат што значи овој знак. Над олтарот има и сонце со 16 краци. Селаните велат дека тоа им е симбол на мијачкиот крај и дека на времето Мијаците, покрај својот мијачки јазик, си имале и мијачко знаме со сонце со 16 краци. Во црквата се наоѓаат и коски од светец, кои, како што раскажуваат, им помогнале на многумина. Коските се премиваат со вода, а со таа вода болниот се мие. Од кој светец се коските, никој не знае, но се верува дека чудотворните коски им помогнале на многумина.
– Селаните биле сточари, но и печалбари. Печалеле во Русија и во Полска. Од сите селани најмногу просперирале тие што биле во Полска. Злато течело од нивните раце, само успеси нижеле. Полјаците ги примиле убаво, развиле голем капитал, повеќето имале слаткарници, направиле многу пари. За празникот Пресвета Богородица се правеле големи свадби. Било традиција тогаш да направиш свадба. Во Лазарополе тоа било за Илинден. Постоело ривалство. Ќерките на печалбарите од Полска се мажеле со три чифта мијачки руби. На чардаци шиеле руби 360 дена. Се натпреварувале кој ќе направи поголема свадба, колку чифта тапани ќе се слушнат. Богородица грмела – се потсетува домаќинот.
Гарци продолжиле да се собираат на овој ден. Направиле обиди да се прават свадби, но иако веќе нема свадби, сѐ уште постои традицијата на овој ден сите да се соберат. Брзото темпо на живот се одразува и тука. Дел од неговите жители поради бизнис не успеваат да дојдат, но носталгијата ги тера да не дозволат да згасне оваа традиција.
Црква затскриена во планината Во падините на Стогово, на околу три километри од селото се наоѓа интересна црква „Св. Петка“. Патот кон неа ќе ве одушеви. Го слушате жуборот на реката, поминувате кон интересни изворчиња, кои, буквално, извираат од камењата, зеленило, интересна вегетација. Самата црква е сместена во зеленило, долу под патот. Клупи за седење, чешма со студена вода, камбанарија… Дедо Блажо раскажува дека црквата ја нарекуваат Изворите.
– Оваа страна на Стогово е со зеленило, пасишта, шума, извори. Другата страна е кон Дрим. Оттаму е суво и пеколно, со голи ридови. Ние сме богати со шума. Секоја година за Велипеток се одеше таму, поповите ја крстат водата, се правеа излети. Изворите е „Света Петка“. Селаните ја правеа со години, како што можеа. Немаше ни струја. Таму фаќаат големи снегови. До два-три метри. И ни се уриваше црквата. Кога дојде помладата генерација, помоќни, рекоа ќе го направиме да биде гордост – раскажува дедо Блажо.
По патот од црквата кон врвот на планината се наоѓаат бачилата. Таму се прави вкусното гарско сирење. Овде може да пробате и леб печен под сач, како и овчо млеко.
Реставрација на старите куќи Од страна на Министерството за култура е изработена студија за економска оправданост за ревитализација на ова мијачко село. Студијата предвидува реставрација на постојните куќи со традиционалните материјали, архитектура и техники на старите мајстори.
Предвидено е да се инвестира и во нови содржини што ќе го поддржат селскиот туризам, како што се: сместувачки и угостителски капацитети, инфозони, изложбен простор, уредување на просторот во центарот на селото, ревитализација на црквата „Св. Богородица“ и организирање летна школа за архитектонска конзервација на традиционалните куќи.
Селаните раскажуваат дека порано имало 25.000-30.000 овци, се правел најубавиот кашкавал, со миризба што се ширела низ целото село. Кашкавалот завршувал на американскиот пазар.
Ова е само дел од тоа што може да се види во Гари и да се слушне од неговите селани. Веќе две години во селото постои вила во која можете да преспиете, да јадете вкусна традиционална храна, да пробате гарска пастрмка. Останува само да го посетите селото и да ја почувствувате убавината, која не се опишува. И, секако, да го послушате дедо Блажо – оставете го лаптопот, доживејте ја планината.