Македонија, Србија и Албанија ги поврзуваат системите за патарини

|

Претпријатијата од Северна Македонија, Србија и Албанија кои ги управуваат патарините работат на поврзување на системите за електронска наплата на патарините, најави на денешната прес-конференција на Самитот Отворен Балкан во Охрид, премиерот Димитар Ковачевски.Тоа значи, како што рече, дека граѓанин од Србија со таг за електронска наплата со своето возило ќе може без застанување да помине и на македонска и на албанска патарина. Системот ќе го препознае и рампата на патарина сама ќе се крене со електронска наплата.

-Така ќе ги намалиме гужвите по автопатите и патарините, а граѓаните побрзо ќе стигнат до крајна дестинација. Тоа се бенефитие на кои што работат институциите и соодветните државни претпријатија во сите три држави, додаде Ковачевски.

Претставувајќи ги придобивките од соработката најави дека веќе се подготвуваат за Саемот на вино, храна и туризам во Белград во септември, на кој ќе презентираат сериозен обем на македонски производи, наши сортни вина и македонска храна ќе ги доближиме до регионот и до светот.

На Самитот исто така лидерите се договориле дека заедно ќе се справуваат со економската криза и недостатокот од храна и енергија.

– Отворен Балкан има конкретни резултати и затоа земјите од регионот мора да станат членки на ЕУ. Денеска овде во Охрид отвораме нови поглавја во соработката во областите на туризмот и културата. Час поскоро нашите граѓани од Отворен Балкан да почуствуваат нови економски и други бенефити. Може тоа да биде убав одмор во Саранда, Охрид или Копаоник. По поволни услови, со прилагодени цени, додаде премиерот.

Тој посочи дека го смета овој Самит за позитивен пресврт бидејќи, како што рече, за првпат и Црна Гора и Босна и Херцеговина и цела меѓународна заедница се на исто место.

-Охрид не обедини за заедничко добро на нашите народи. Упатувам благодарност на сите лидери што дојдоа и на сите учесници. Сите ние сме на едно место. Со заедничко разбирање, за иднината на Западен Балкан, додаде премиерот Ковачевски