Eстрадниот уметник и промотор на убавата македонска песна, Спасен Сиљаноски на својот фејсбук профил напиша текст насловен „Малку за Гоцета“, во кој меѓудругото вели: Наместо мезе, кафе, девојки и некое дипломатско место, тој одбрал да биде идеолог и Македонец!.
Го пренесуваме целиот текст во продолжение.
„Гоце е роден во град кому Солун му е под нос. Додека си се качил на коњот, дури и во тоа време, веќе си стигнал пред портите на „никогаш македонски, секогаш грчки“. Не многу висок, со неговите маркантни мустаќи, со појава која пленела, со ѕвезда која ги привлекувала луѓето, ги терала да го слушаат неговиот глас, да уживаат во неговото друштво и синџир „тешкото кафе“ што го пиеле заедно, тој можел да бегува и агува во животот.
Трговија, алтани и грошеви на кило, кафиња, мезе, по некоја мастика или узо заради болките во желудникот, ручеци по хотели, меани и анови, девојка во секој град и село… (штета што бил роден во време кога не можел да ги проба и плажите на Халкидики), всушност Гоце можел да биде човек кому денешниве македонски олигарси со по неколку партиски дреса, би можеле да му завидуваат мрсулавејќи му се под прозор, зашто покрај парите кои можел да ги има, тој имал и чест и достоинство и углед кои овие денешниве ги немаат.
Но, тој одбрал нешто друго. Со што, мерејќи според сегашниве владеачки мерила во „Северна Македонија“, го заслужува епитетот „будала“. Наместо да се „шитне“ во некоја амбасада во Стамбол или конзулат во Солун или Монастир (не рускиот конзулат, се разбира, таму местото веќе го фатил Мисирков, па е само прашање на време кога поради тоа ќе се откажеме и од него), или наместо да му се полигави на султанот, еве не мора нему, можел тоа да го стори и во дворот на принцот Фердинанд или на кралот на Грција, Џорџ, и да си истетовира на челото дека тој, како Европјанин, тоа го прави за да ја европеизира Турција, кутриот одбрал нешто друго. Да биде „будала“.
А, по ѓаволите, не морал ни тоа да го прави. Можел да си ја гледа работата, да си плаќа рекет, и од столицата во некоја кукушка, софиска и солунска кафеана, додека музиката му свири на увце, танчерката му игра со градите пред очи, а жена му дома му ги чува децата, пере, пегла, готви… зашто тој е маж, нели, така му личи, да се смее на другите будали што се акаат по планините бркајќи се со турските потери.
Бидејќи, нели, „голема работа“ дали неговиот Кукуш бил во Турција, Бугарија, Грција, Македонија…, „голема работа“ како му се викала земјата, „голема работа“ дали бил Турчин, Грк, Бугарин или Македонец, уште повеќе што ова последново, ете по сто и кусур години дознавме, било еквивалент на Грк. Важно дека така Гоце ќе бил Европјанин, а не некој немиен националист. Наместо тоа, Гоце одбрал нешто друго. Одбрал да биде идеолог, одбрал да биде МАКЕДОНЕЦ
Е, ние таквите луѓе ги ставивме на маса. Ние преговараме за нив. Ние се ценкаме со нивните души, со нивната љубов, со нивните животи. Тие за нас станаа обична „спонзоруша“ за која се пазариме колку ќе не чини или колку ќе ни донесе. Зашто така ќе сме биле Европјани. Бањати. Инаку ќе сме биле „радикални националисти“……… Нека ни служи на честа на сите нас од оваа недостојна генерација…..Та и на оние кои продаваат Та и на нас кои молчиме, бидеќи молчењето значи соучество…🙁🙁🙁”
МАЛКУ ЗА ГОЦЕТАГоце е роден во град кому Солун му е под нос. Додека си се качил на коњот, дури и во тоа време, веќе си…
Gepostet von Spasen Siljanoski am Samstag, 15. Juni 2019