Макпетрол: Сериозно размислуваме да запреме со продажба на гориво, загубите се огромни

|

Одлуката на Регулаторната комисија за намалување на трговските маржи за горивата од 4,5 на три денари, односно за 33 отсто ја воведе историски најниска маржа за трговците и создаде непазарни услови кои ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати, велат од Макпетрол.

Од компанијата додаваат дека, имајќи ја предвид нагласено тесната поврзаност на редовната испорака на горивата со нормалното функционирање на општеството, постои „сериозен ризик за целосна блокада на економијата, не само на краток, туку и на подолг рок“. Макпетрол предупредува дека ваквото намалување на маржата може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а таа опција „сериозно ја разгледуваат“ и во најголемата нафтена компанија.

„Ваквите мерки, кои што регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ и останатите институции ги носат без никаква консултација со трговците, во овој случај тие со нафта и нафтени деривати, се несоодветни на глобалната криза од која што особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постоечката малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција која што и ‘Макпетрол’ сериозно ја разгледува“, соопштија од нафтената компанија.

Според Макпетрол, компаниите кои снабдуваат нафта и нафтени деривати „не можат врз себе да го понесат товарот на вештачко држење на ниска цена на горивата, како социјална категорија“.

„Станува збор за обврска на државата и на сите мерки што ѝ стојат на располагање, но не на сметка на пазарната логика и приватните компании. Оваа популистичка мерка е неодржлива и може да создаде дополнителна паника меѓу граѓаните, зголемена побарувачка и недостиг на гориво“, се вели во соопштението на Макпетрол.