Мал генијалец: Не сакал да се помири со фактот дека веќе нема да комуницира со другарот

ИЗВОРСкопје24
|

Лекарите веќе ги подготвиле родителите на петнаесетгодишниот Итан Кадиш на тоа дека веројатно никогаш нема да може да комуницира со нив. Другарот на Итан, Џејкоб Смилг (13), не сакал да се помири со тоа, и му конструирал уред за комуницирање.

Како што пренесува американскиот регионалниот ТВ канал WCPO, момчето од Лавленд, Охајо, било погодено од гром во јуни 2013 година, кога бил во летен камп. Итан едвај преживеал и оттогаш веќе не може да оди, да јаде, ниту пак да зборува. Тој е парализиран и врзан за инвалидска количка, и веројатно веќе нема да може да расте.

Џејкоб, кој вели дека сака да експериментира со технички изуми, направил ЛЕД табла со зелени Y за „да“ и црвени N за „не“. Кога Итан ќе ја мрдне главата на лево, затреперува „да“, а кога ќе ја наведне на десно, тоа значи „не“.

На прв поглед, ова не е ништо посебно, но станува збор за огромен чекор при воспоставувањето на комуникација.

За Денот на благодарноста Џејкоб приредил изненадување за Итан и неговото семејство. Кога виделе дека неговиот изум функционира сите биле воодушевени.

„Всушност, тоа е голема промена. Прв пат гледаме дека Итан не разбира што му зборуваме“, рекла мајката низ солзи.

Џејкоб вели дека нема да застане на тоа.

„Кога ќе стигне до таму да може да ги движи и другите делови од телото и да ракува со машината, ќе му направам мала тастатура“, вели момчето кое за Божиќ посакало 3Д принтер. Вели дека тој му е потребен за да направи делови за машината на Итан, кои тешко се набавуваат.

Приказната за двајцата тинејџери допрела голем број луѓе, па група од нив се здружиле за преку сајтот GoFundMe да соберат средства за 3Д принтер. Заинтересираните можат да уплатат доброволен прилог за Итан и преку сајтот Help Hope Live.