Живее во светот на тишината, а свири на синтисајзер. Деветгодишниот Филип Наумоски од Прилеп ги урива стереотипите и покажува дека глувите и наглувите лица ја чувствуваат музиката и ритамот. Роден е со тешко оштетување на слухот, а неговата мајка Александра тоа го забележала додека Филип бил бебе и оттогаш носи слушни апарати. Тој е четвртоодленец во Заводот за рехабилитација на оштетен слух и говор во Битола и посетува приватно музичко училиште. На новогодишната приредба во Заводот го покажа својот талент.
Самиот пројави желба, најдовме приватно училиште, контактирваме со професорите и се догворивме. Скоро една година учи во музичкото училиште, знае неколку композиции да свири и ужива, вели мајката на Филип.
Со голема упорност на семејството и стручните лица од Заводот во Битола, ова дете со тешко оштетување на слухот научило и да зборува. Веќе ќетири години учи три јазици, знаковниот, мајчиниот и англискиот.
Многу перцепира, изоштрен е во вид и осет. Многу е принципиелен, многу е умен и послушен, вели мајката Александра.
На училишната приредба и останатите деца од Заводот за рехабилитација на слух и говор ги покажаа своите таленти. Танцуваа, играа ора, учествуваа во драмски претстави.
Децата со оштетен слух се визуелисти, може да ги бидува за ликовна уметност или како Филип за музика. Треба тоа да се негува и да се обрне внимание затоа што еден ден тоа може да биде и извор на средства за живот, вели Анета Спировска, дефектолог во Завод за рехабилитација на слух и говор „Кочо Рацин“-Битола.
Но, најзначајно за нивниот понатамошен развој е раното дијагностицирање и третманот, посебено во периодот од 3 до 6 години.
Сите деца кои биле третирани од 3 до 6 години се чувствува голема разлика, посебно во периодот кога тргнуваат на училиште. Конкретно, речникот, корекцијата и артикулацијата на гласовите е многу поинаква отколку кај децата кои не биле третирани, вели Спировска.
Во Завод за рехабилитација на оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ во Битола, учат 76 деца од цела Македонија, од кои 36 се интернатски сместени, а останатите патуват секој ден. Покрај наставата добиваат и индивидуален третман од стручен тим во опремени кабинети.
Емилија Мисирлиевска