Системот на техничка влада е неодржлив, затоа одржувањето на изборите е неопходно истакна потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски, во вечерашната емисија „Топ тема“ на телевизија Телма.
Манчевски рече дека одговорноста во врска со ширењето на болеста е на сите, на неодговорни граѓани, неодговорни верски заедници, а особено на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, кој реши дека нема да казнува за непочитување на мерките за заштита.
Да имавме функционално Собрание, Чулев одамна ќе беше сменет и тоа е уште една причини зошто треба да има избори, нагласи Манчевски.
Ние, додаде Манчевски, не тераме политика со болеста, таа е состојбата, тие се бројките, а од друга страна Мицкоски до вчера беше загрижен за здравјето на граѓаните, а сега ги повикува да излезат на гласање.
Христијан Мицкоски се соочи со реалноста, се соочи дека не може повеќе да бега од избори и изнајдовме сили да заврши оваа неиздржлива политичка голгота, истакна Манчевски.