Манчевски и Муцунски со различни ставови, најавуваат кампања како ниедна досега

ИЗВОРтелма.мк
|

Манчевски и Муцунски со различни ставови за одговорноста за здравствена криза, најавуваат кампања како ниедна досега
Оваа кампања нема да наликува на ниедна претходно, изјави потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски во вечерашната Топ Тема.

“Нема да има големи собири, нема да има митинзи. Ќе има многу малку физички контакт воопшто со гласачите и граѓаните. Поголемиот дел од кампањата ќе се одвива преку медиумите, социјалните мрежи, во индиректна комуникација со граѓаните” – оцени Манчевски. Тој додаде дека за самиот ден на гласањето, комисијата за заразни болести и здравствените експерти веќе изработиле протоколи за организација на денот на гласањето, додека владата донела и уредба каде што се предвидени и дополнителни часови за гласање, за да се избегнат гужвите на гласачките места.

Според Манчевски земени се предвид сите ограничувања кои ги прави здравствената криза, но пред се и заштитата на граѓаните.

Според меѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во Македонија се спроведувала неконзистента здравствена политика, експертите може да дебатираат зошто нашата држава се нарекува “нулта земја (ground zero)” на Ковид-19 во Европа, зошто имаме застрашувачки бројки, зошто сме сеуште единствена изолирана земја во Европа од гледна точка на отворени гранични премини.

Муцунски оцени дека според него во државата има страшен дебакл во справувањето со здравствената криза.

“Ние во целиот процес на дијалог со политичките субјекти во државата нагласувавме дека има одредени предуслови кои што се потребни за да дојдеме до парламентарни избори. Факт е дека на државата и се потребни функционални институции, тоа никој не може да го спори, но за нас пресуден фактор е состојбата која ни се случува со корона кризата, односно неспособноста и неподготвеноста на актуелна влада, да се справи со оваа пандемија. Нашите предуслови г-дин Мицковски ги објави во недела околу пладне и тие беа два. Прво да се создадат протоколи и политики кои ќе претставуваат гаранција за здравствениот дел и не само за денот на гласањето. Вториот аспект на нашиот став зошто требаше изборите да се одржат на датумот на кој сега ќе одржат е фактот дека за да имате фер, легитимен инклузивен изборен процес, мора да имаме набљудувачка мисија на ОДИХР” – изјави Муцунски.

Во однос на прашањето за одговорноста за здравствената криза во државата и постојаното префрлање едни на други, Муцунски оцени дека министерот за здравствени работи, Чулев, се обидел да влијае позитивно врз процесите за справување со кризата, а прашањето колку тоа било успешно е друга тема за дебата, но подвлече и дека не е тука вината за состојбата во која се наоѓаме.

Манчевски кажа дека според него одговорноста е на сите, на сите институции и на нас, особено на Министерот Чулев а факт е дека голема е одговорноста на неодговорните граѓани.