Маричиќ: „Францускиот предлог“ е компромис што го правиме заради нас, а не заради Бугарија

|

Компромисот во предлог-преговарачката рамка е многу едноставен – гаранција на македонскиот јазик и идентитет и почнување на преговорите, од една страна и внесување на бугарската заедница во Уставот, од друга страна, пред продолжување на преговорите пред втората меѓувладина седница, изјави вечерва заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.

– Ова е компромис кој што ние го правиме заради нас, не заради Бугарија, не заради некој друг, изјави Маричиќ во интервју на Канал 5 телевизија. Тој нагласи дека во предлогот не постои точка која го негира нашиот јазик.

– Секој граѓанин, секој пратеник, да ги погледне документите, да најдат една точка во овој предлог кој што го негира нашиот јазик, кој што ни наметнува некаква асимилација или бугаризација, како што се вели на протестите, и кој што ни го оспорува правото да говориме македонскиот јазик и да се наречеме Македонци. Нема такво нешто, рече тој.

Според Маричиќ, имаме согласност од Бугарија, доколку го прифатиме овој пакет, да го потпишеме договорот со Фронтекс, кој што, како што рече, е договор со Европска Унија, не само со Бугарија, во кој, исто така, ќе пишува македонски јазик.

– Тоа ни е гаранција дека Бугарија нема да се противи на формулацијата македонски јазик во документите на ЕУ, што беше наша цел. На крајот на процесот, посочи тој, македонскиот јазик, според сето ова ќе се официјализира како службен јазик на Европската Унија.

– Ние ништо друго и нема да прифатиме, ниту можеме да прифатиме. Доколку во кој било момент добиеме непристоен предлог за јазикот и идентитетот, ние имаме целосно право и да ги напуштиме и да ги прекинеме преговорите, рече тој.

Маричиќ смета дека никој не може да не натера да се асимилираме и тоа не може да се случи, затоа што, според него, никој не може во денешно време да го асимилира нашето чувството како Македонци или било чие етничко чувство или кој јазик го говори.