Маријана и Росана повторно заедно

ИЗВОРСкопје24
|

Маријана Новачевска, сестрата близначка на пејачката Росана Сариќ- Тодоровска која долги години живее во Австралија, вчера пристигна во Скопје. Возбудена и среќна, Маријана на нејзиниот Фејсбук профил објави фотографија од скопскиот аеродром, во прегратка со најблиските.

„Ајде уште малку. Те чекам сестро моја, душо моја, не спијам“, напиша Росана пред доаѓањето на Маријана. Сестрите близначи кои останаа запаметени по евергрините „Признавам“, „Стој“, „Едно срце имам душо“ се немааат видено две години. Последен пат, Маријана во Скопје беше на свадбата на нејзината внука Ивана, ќерката на Росана и на актерот Ѓорѓи Тодоровски- Трупче. Ивана и нејзиниот сопруг Џемјс сега се родители на Ноа, кој утре ќе наполни една година. Првиот роденден на внукот е една од причините што Маријана дојде да го посети семејството.

„ Со Маријана се видовме на нашата свадбена веселба за нашите деца Ивана и Џејмс. Морав некако да научам да живеам без неа, иако душата ми е на половина. Тагата и болката по неа некако ја компензирам со постоење на мојата Ивана, но страшно е тешко.Ние сме една душа во две тела. Спомени од детството со Маријана имаме безброј, но овој некако е најинтересен. Како деца ќе излезевме пред зграда да си играме со нашите другарчиња. Но, таа секогаш ќе излезеше прва, ќе се искараше со некое другарче, ќе го натепаше и ќе избегаше дома. Во меѓувреме, ќе излезев јас и ни крива ни должна ќе добиев ќотек, зашто децата мислеа дека сум Маријана“, раскажа Росана во претходно интревју за Женски магазин.

Маријана, иако одамна професионално се откажа од музиката и работи како стоматолог, за своја душа знае да запее во кругот на семејството. Неодамна, таа на Фејсбук профил објави фотографија со ќерката, со синот и со снаата.

„ Некои велат свекрва и снаа, а некои све крива и снаа. Како и да е, убавина е“, напиша Маријана под фотографијата со снаата Анастасиа, сопругата на нејзиниот син Филип. Под другата слика, на која се ќерката и снаата, Маријана напиша: Моите две ќерки. Ќерката на Маријана и на композиторот Тоде Новачевски, нејзиниот поранешен сопруг се вика Магдалена.