Марио Јовановски: „Вежбајте и исфрлете ја брзата храна, слатките, газираните сокови и алкохолот – ќе бидете позитивно изненадени“

ИЗВОРСкопје24
|

Марио Јовановски млад, успешен и посветен фитнест тренер е овонеделниот Скопски лик на неделата кој со задоволство разговараше со екипата на Скопје24 и ни раскажа малку повеќе за својата работа, секојдневните предизвици и скопскиот начин на живот. Како персонален фитнес тренер и инструктор со повеќе годишно искуство во областа на фитнесот, тежинскиот тренинг и правилниот начин на исхрана, тој ни зборуваше и за тоа што се е потребно за да не се откажете од напорниот тренинг и имате поздрав начин на живот, за скопските момци и девојки и инспирацијата. Можеби по разговор и вие ќе посакате да бидете во топ форма и изгледате како нашиот скопски лик на неделата.

1. Кои се придобивките од тоа да се вежба со личен тренер, односно зошто е подобро да се има тренер само за себе?

– Најмувањето на персонален фитнес тренер во почетните фази за сите оние кои сакаат да се занимаваа со тренирање во теретана, да создадат нови навики за здрав начин на исхрана и да го сменат генерално својот животен стил, е дефинитивно една од најдобрите одлуки и инвестиции кои можете да ги направите. Една од главните причини поради која многу почетници во теретана после краток период тренирање се откажуваат е тоа што целата опрема која ја нудат теретаните е прилично збунувачка за некој што претходно немал контакт со неа, не знаат да ја користат и да ги изведуваат правилно вежбите, а тоа само по себе е демотивирачки. Не се чувствуваме дека сме продуктивни и не го добиваме она по кое сме тргнале. Исхраната, која исто така игра голема улога во постигнување на било која цел, е без некој соодветен правец, не знаат што, кога и колку треба да се конзумира и кога целокупно ќе погледнеме , целото искуство за вежбање во теретана се сведува на едно разочарување. Секако, ова не важи за секој почетник во теретана. Токму од таа причина, цврсто стојам дека на секој од нас му е потребна помош кога почнуваме со нешто ново, што и да е тоа. Кога би можел да го вратам времето, дефинитивно би најмил некое стручно лице на кое би можел да му верувам, кое ќе ми ги даде посаканите резултати на побрз и поефикасен начин.

Бенефитите кои ќе ги добиете со најмување на персонален фитнес тренер се:
– Практичност и ефикасност при достигнување на вашата цел
– Мотивација и поддршка
– Стручност, професионален пристап и надзор кон вашиот тренинг во фитнес центар
– Вовед во светот на здравиот начин на живот преку редовна физичка активност и здрав, балансиран режим на исхрана

2. Колку е важна исхраната на еден човек за да ја добие посакуваната форма и општо за доброто здравје?

– Како што и веќе напоменав, исхраната игра клучна улога на патот кон промена на
физичкиот изглед и подобрување на здравјето. За жал, многумина од нас го забораваат тој факт и не обрнуваат многу внимание на тоа што, колку и кога конзумираат. За сите оние кои сакаат да намалат на вишок килограми, внимателно бирање на кои макронутриенти се конзумираат (протеини, јагленохидрати, масти), нивниот сооднос и во кој период од денот се конзумираат е исклучително важно. Создавање на калориски дефицит (преку намалување на целокупниот калориски внес во денот и имплементирање на редовна физичка активност) е единствениот, долготрајно ефективен начин за ослободување на вишокот килограми, без непосакуваниот јо-јо ефект кој најчесто се случува после краткотрајно практикување на некоја диета. Совет за сите оние кои сакаат да го подобрат својот физички изглед и да ја подобрат својата здравствена состојба, која во голема мера е диктирана од она што секојдневно го конзумираме – исфрлете ја брзата храна, слатките, газираните сокови и алкохолот, конзумирајте 2-3 литри вода дневно, практикувајте редовна физичка активност и ќе бидете позитивно изненадени од промените кои ќе ги забележите за краток временски период.

3. Што беше тоа што тебе лично те натера да почнеш да се занимаваш со фитнес и што те инспирира за тоа твое знаење го пренесуваш и на дргите?

– Примарната желба за која почнав активно да се занимавам со фитнес беше желбата за промена на физичкиот изглед и животниот; од таму започна се. Со вложување на многу време и труд, го добив тоа кое што го посакував и многу повеќе од тоа! Моето фитнес патување покрај тоа што комплетно го промени мојот физички изглед, во голема мера ме промени и психолошки и ме научи на многу лекции – ми стекна самодисциплина, трудољубивост, ме научи на тоа дека што и да сакаме да постигнеме што претходно не сме го постигнале, потребно е посветеност, одрекување од многу работи, решителност и упорност. Инспириран од тоа како целиот тој процес се позитивно се одрази на мене, сакав тоа да го споделам и да го пренесам на сите оние кои биле во иста или слична позиција како мојата. Токму таа одлука, која ме втурна на поинаков начин во еден нов свет за мене, ми отвори врати за многу други работи кои не ни замислував дека некогаш би ги правел.

4. Колку луѓето во Скопје сакаат да вежбаат и се грижат да изгледаат убаво?

– Се повеќе и повеќе луѓе активно се инволвираат практикувајќи го здравиот животен стил, кој е сочинет од балансиран, правилен начин на исхрана и редовна физичка активност. Следиме еден модерен тренд кој е прилично актуелен насекаде низ светот. Тоа е за поздравување и ми е многу драго што, споредбено со минатите 6-7-8 години, огромна бројка на критична маса на луѓе се занимаваат со некаков вид на спорт, независно дали рекреативно или професионално и независно дали станува збор за трчање, пливање, вежбање во теретана, пилатес, аеробик, кросфит; иста критична маса која се повеќе се интересира во однос на тоа како треба да се храни за да ги поддржи своите цели и перформанси. Тоа е чекор во добар правец од повеќе аспекти – колективен, општествен, економски, индивидуален. Секако, мораме да работиме активно што повеќе да ја кренеме свесноста за бенефитите кои го даваат овој вид на животен стил, со една цел на ум – што повеќе луѓе да бидат дел од тоа „движење“.

5. Според твое мислење дали повеќето Скопјани и Скопјанки вежбаат за да имаат привлечно тело или за да водат здрав начин на живот?

– Па, секогаш е попривлечен естетскиот бенефит кој го дава редовната физичка активност и практикувањето на здрав начин на исхрана пред здравствениот. И јас сум бил мотивиран од помислата како ќе ми изгледа телото доколку редовно вежбам и се хранам здраво, а секундарно ми била помислата за како тоа ќе влијае на моето здравје, – што е и случајот кај многумина од нас. И да е тоа примарната мотивирачка сила, работите кои треба да се прават и изведуваат константно, несомнено ќе допринесе и до подобрување на генералното здравје на една индивидуа, симултано со подобрување на нејзината телесна композиција.

6. Што според тебе е пресудно за еден човек да остане посветен на фитнесот и да го прифати како животен стил?

– Како и за многу други работи – желбата. Желбата за промена. Желбата за подобрување на својот физички изглед и здравјето. Желбата е коренот за достигнување на секоја цел, како што е и во случајов, правењето на промена преку имплементирање на редовна физичка активност и правилна исхрана. Со доволна желба, ќе ги пронајдеме сите алатки, околности кои ќе ни помогнат на нашето фитнес патување. Само треба да одлучиме дека сакаме вистински да направиме промена и да бидеме истрајни, со таа мисла свесно и потсвесно.

7. За сите оние кои сеуште се мислат да почнат да вежбаат, кажи ни колку време е потребно да се одвои во текот на денот и после колку време се видливи првите резултати?

– Најголемиот изговор за непрактикување на било каква физичка активност или пратење на некаков правилен режим на исхрана е недостигот на време. Факт е дека живееме во прилично динамично оштество во кое имаме се помалку и помалку слободно време на располагање за нас и она што нас ни е важно, но кога станува збор за себе, своето здравје и изглед, времето не треба да биде предмет на дискусија. Не треба да чекаме слободното време на најде нас, туку обратно – да го создадеме. Да поставиме приоритети, а на врвот на таа листа да биде грижата за себе и своето тело. За почетници, потребно е не повеќе од 40- 50 минути, 3-4 пати неделно редовна активност за да се има одлични, почетни резултати кои ќе делуваат и како мотив за понатаму да се продолжи посериозно и поинтензивно кон нови цели. Само еден месец е доволен временски период за да ги забележиме првите промени на нашето тело и тоа како генерално се чувствуваме. Гарантирам, ако го издржите тој период, ќе се каете зашто не сте почнале порано.

8. Бидејќи нашиот сајт е Скопје24, кажи ни кое е твоето омилено место во Скопје?

– Иако немам доволно слободно време колку што би сакал да издвојам за уживање во
многуте кул места во Скопје кои имаме, меѓу омилените скопски места кои сакам да го поминам слободното време е Кино Карпош, Локал 45, Fitness House.

(Наталија Јосифоска)