Годинава четири предмети на матурски испит иако матурантите бараа крупно кратење – да полагаат два предмети. Министерката Царовска кажа дека нов модел ќе има – догодина. Но, матурантите не се откажуваат и се надеваат дека ќе успеат да се договорат со оглед на тоа што се уште има време до испитите, за Телма брифира Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци. Се повикуваат на тоа што од месец март посетуваат онлајн настава и тоа за нив не е исто како и во училница со професор да ја учат материјата. Матурантите одат со аргументот дека и во Франција се направени вакви речиси исти промени на државната матура и тоа заради здравствената ситуација и затоа од утре започнуваат да ја бојкотираат наставата. Но, Министерството не попушта.
Државната матура не е единствена грижа на образовните власти периодов. Денес министерката поддржана од директори на основни училишта ја бранеа реформата во образованието како добра и неопходна. Шестмината директори имаа кратко излагање, но ниту еден не изусти збор против некој дел од реформата – нешто што не го направија и голем број институции. Досега реагираа и од Педагошкиот факултет бидејќи не биле ниту консултирани, а се засегната страна. Од Филозофскиот факултет нагласија дека препознале методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не одговараат на воспитно-образовната и општествена реалност во државата. Но, министерката денес ги спомна и нив дека го поддржале спроведувањето на новиот модел.
Сенатот на УКИМ синоќа остро укажа дека концептот за реформи во образованието треба да започне како пилот-проект и за негово имплементирање е потребно многу време. Според министерката, реакцијата на УКИМ не е остра. Во Министерството за образование толкуваат дека ставот на Сенатот се однесува главно на подготовки и обуки за наставниците и професорите, како и темелни анализи на концептот.
Петар Догов