Матурските прослави го цедат семејниот буџет

ИЗВОРСкопје24
|

Матурските прослави го цедат семејниот буџет

Времето на подготовките за матурските прослави секоја година еуфорично се доживува. Се мора да биде испланирано и стокмено до последниот детаљ, а при тоа за цена не се прашува. Без оглед на паричната моќ, родителите даваат максимум за да ги исполнат желбите на матурантот. Да се има матурант во домот, значи да се биде подготвен на дебели сметки за се и сешто.

Проценките се дека за трошоци за матурската прослава одат од 1000 до 1.500 евра. Тука влегува свечената гардероба, по која се трага и во други градови, па и во странство, потоа прославата за роднините и пријателите, како и целосното дотерување на изгледот… И тоа е сума за да се истера една поскромна матура, додека полуксузните тежат многу поголеми пари.
Трговците тријат раце. Матурските фустани се продаваат по цени од стотина евра па нагоре, а пари плус се трошат за чевли, накит, чанта, шминка, фризура. И за машките матуранти трошокот не е мал. Отприлика и нивното дотерување чини 300-400 евра.

Судејќи по размените на интернет форумите, просечната цена по човек за славење матура е 1.200 денари за хотелот и уште 1.000 денари за дискотеката по свеченоста. Попознатите бендови бараат и по 120.000 денари за свирка. Приказната не завршува со резервирање на хотел и купување влезница за дискотека.

Но, што ги мотивира гордите родители да потрошат од една до две просечни месечни плати за една вечер, со цел да го одбележат успехот на дете кое завршило не вишо, не високо туку средно образование?

Социологот Хасан Јашари вели дека станува збор за значаен настан од кој се полнат фотоалбуми и одбележува полнолетството.

„Меѓутоа од друга страна во услови на сиромаштија очигледно е дека се претерува на тој план. Со оглед на фактот дека учениците, децата, не се секогаш свесни за семејниот буџет, а родителите ги кријат своите долгови, тоа придонесува учениците да немаат реална претстава за семејниот буџет.“

Дополнително се издвојуваат пари за подароците кои матурските партнери си ги разменуваат, а сумата зависи од самите нив, дали ќе се одлучат за некој полуксузен подарок или симболичен.

Поголемиот дел од семејствата не можат да го издржат финансискиот удар од матурите, влегуваат во долгови, ги празнат кредитните картички, земаат потрошувачки кредити, се за да овозможат незаборавни матурски ноќи за своите деца.