Mенка Стојаноска, единствената жена меѓу 19 нововработени во скопската пожарна: Сомнежите не ме обесхрабруваат да бидам пожарникарка

ИЗВОРСкопје24
|

Менка Стојаноска од Скопје е единствената жена меѓу 19 нови пожарникари кои беа избрани на конкурсот на Град Скопје за подмладување на Бригадата за противпожарна заштита. Стојаноска (29) сега е втора жена меѓу 190 пожарникари кои секојдневно гасат пожари низ градот и интервенираат при сообраќајни и други несреќи.

Во разговор за СДК таа вели дека желбата да биде пожарникарка, се јавила пред 3 години бидејќи оваа професија има хуман карактер и е од јавен интерес.

„Желбата да се пријавам за пожарникарка спасител се појави сосема спонтано, созревајќи и спознавајќи се себеси. Пред три години слушнав дека има оглас за вработување на пожарникари, но не добив на време информации за огласот, па го пропуштив рокот за пријавување. Но, ете сега повторно имаше оглас, а желбата кај мене е уште поголема. Мислам дека со мојот карактер се пронаоѓам во она што го нуди ова професија и што се бара од неа“, вели Стојаноска.

„Со години тренирам боречки вештини, сум се натпреварувала во бразилско џуиџитсу, џудо и борење слободен стил. Токму тоа ми помогна без проблем да ги минам тестовите за физичка подготвеност. Но, менталната подготвеност и тимската работа е она што најмногу е потребно во оваа професија и токму тоа беше пресудно дали ќе минеме на интервјуто“, вели Менка Стојаноска.

Комисијата за селекција на кандидатите одлучила дека Менка ги исполнува условите да биде дел од новите 19 пожарникари на Пожарната бригада.

„Пресреќна бев кога ми кажаа дека сум поминала, дека се задоволни од мене и од интервјуто виделе дека многу ја сакам оваа професија, а резултатите од физичките тестови ми биле одлични. Свесна сум колку е тешка и одговорна оваа професија, но доволно сум зрела и возразна и ќе дадам сè од себе да бидам успешна. Не сум била во ситуација да видам поголем оган и сигурно нема да ми биде сеедно. Но, знаејќи дека помагаш некому, спасуваш луѓе или нечиј дом кој со години тоа семејство го градело, е она што прави сè друго да се заборави“, вели Стојаноска.

Извор: СДК.МК