МИ ЛЕЖИ НА СРЦЕ, СУЗАНА ТУРУНЏИЕВА: Тешки денови

|

Ги сакам тешките денови во животот. А понекогаш дури и ми се неопходни.

Да не се тие, мислам дека не би било возможно да ги пребројам пријателите… Оние што во кое било доба од денот и ноќта дишат и постојат за мене… Да, малку се… И би можела да ги избројам на едната рака… Но тие се моите најскапоцени дијаманти… Светат и блескаат дури и од далечина… И да не се тие, мојот живот би немал некоја смисла… Ни поента… што ќе ми е животот, ако сè што имам се пари и имот, а немам пријатели со кои ќе можам на раат и да си помолчам и да си поплачам, а и да се изнавикам ако така ми дојде… И да знам дека она што сме си го кажале, споделиле, рекле – останува помеѓу нас. Затоа понекогаш сум благодарна на тешките денови во кои нештата стануваат малку појасни, а моите вистински пријатели стануваат уште поголеми во моите очи и во моето срце.

Да не се тие, (тешките денови) не би можела да ги пребројам ни роднините. Оние со кои редовно се гледаме, гушкаме и бакнуваме на свадби и погреби. На свадба се однесуваме небаре којзнае колку ни е драго и мило што сме таму и што сме сведоци на нечија радост. (Чест на исклучоци). На младите им делиме комплименти дека ова е најубавата невеста и најубавата свадба кај што сме биле досега, делиме благослови како мед да ни тече од устата, а разговорот (за време на тие 5,6 часа) ни тече у стилу: Те ценам, те „поштовам“ и дај веќе еднаш конечно да се видиме и да седнеме негде на пијачка.

На погреби пак спротивно. Пак се гушкаме и бакнуваме, ама плачеме брате небаре душата не боли за нивната загуба. Додека изразуваме сочувство и даваме поддршка на ужалените, им укажуваме дека за сè што треба сме тука за да им помогнеме, а во првиот момент кога некој од нив ќе ни пише или ќе се јави за да ни побара помош, тогаш немаме време, не сме достапни, или пак не им ни одговараме на повикот.

За среќа, пак, постојат исклучоци во секое семејство, кои не ни чекаат да им кажеш колку ти е тешко и колку немаш. Туку без да те прашаат ти го нудат она што го имаат, односно нивното малку го делат со тебе. Од срце! За и ти да имаш, и да не заборавиш дека не си сам во тие денови. И не очекуваат ништо за возврат. За ваквите гестови се заслужни роднините – дијаманти, кои ги споменав и помеѓу пријателите. Да не се тие, долгоочекуваните емотивни семејни средби би немале смисла и сè би било сведено на едно големо и бескрајно лицемерие. Но, фала му на Бога има и такви роднини кои се мелем на душа и дополнителна рака која е секогаш тука да ти помогне, кога твоите две ќе затаат или атрофираат… Што поради твое, што поради туѓо невнимание…

Да не се тешките денови, не би можела да ги препознам и проценам ни непријателите. Оние, за кои многу често не сум ни свесна дека постојат. Бидејќи кога немаш непријателски став кон никого, ниту пак негуваш негативни чувства за нешто или некој, не сакаш ни да поверуваш дека имаш (скриени) непријатели, за кои не си свесен дека ти се претставуваат под велот на пријателството, во стилот на „лизни-мазни“.Но, благодарение на тешките денови, и на големите лекции кои се учат во тие денови, учиш да ги распознаваш пријателите од непријателите, и да бидеш спремен за евентуален „удар“ или штета што можеш да ја претрпиш. Така, сосема природно ти доаѓа да си ги класифицираш во посебен фолдер и да ги сместиш таму кај што припаѓаат. Понекогаш дилемата е голема и тешка, но тешките денови откриваат тешки вистини.

Затоа, мојата благодарност кон овие денови е огромна и бескрајна, бидејќи ми ги извади на мегдан сите скриени непријатели, лажни пријатели и фиктивни роднини, со кои или имаш само заедничка крв, или само презимето ти е заедничко. (Чест на исклучоци.)

И најважното од се: Да не беа тешките денови, немаше никогаш да сфатам и дознам колку можам сама да износам, поднесам, создадам, и да надминам… без ничија помош и поддршка. Кога животот те става на страшен ветромет, во кој околу тебе шиба од сите страни, а ти нема за што да се фатиш… И ако воопшто нешто има, тогаш е сè гнило и токсично. Тогаш ти текнува дека ти имаш две силни раце и две цврсти нозе, кои мора да бидат во спрега и да не дозволат да се струполи твоето изнемоштено тело, ниту да затаи твојот ум. Тогаш сфаќаш дека моќните „пријатели“ и роднини се тука само за да го прераскажуваат твојот евентуален (не)успех или за да го удрат аплаузот во моментот на твоето пропаѓање. За жал многу често се појавуваат кога сосема ќе клапнеш и пропаднеш, па доаѓаат да продаваат мозок и да ти кажуваат кај згреши и како не требаше. А кога требало, никаде ги немало. Чест на (дијамантите) исклучоците.

Ако пак случајно ти тргне на добро и почнеш да правиш нешто повеќе од другите и да бидеш успешен, тогаш се случува уште поголем „линч“ од страна на тие таквите… кои не можат за ништо да им се фатат на дијамантите… Вашиот успех или напредок толку ги боли и вознемирува, што немаат доблест ни лице да ви направат, а камо ли да ви честитаат… Туку ве игнорираат… Божем ништо не знаат и ништо не следат… Чест на исклучоци!

Со мојата должна почит и огромна благодарност кон тешките денови, кои ме научија на најважните лекции, ја затворам денешната исповед, и ви посакувам само убави, лесни и безгрижни денови, преполни со дијаманти помеѓу роднините и пријателите…

Ми лежеше на срце, па морав да ви пишам…