Името на државата, „Република Северна Македонија“, може да биде причината, иницијативата за референдумот на ВМРО-ДПМНЕ за поништување на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, да не го помине филтерот за уредност во Собранието и да биде одбиена. Според факсимилот до кој дојде Телма од иницијативата, се гледа дека таа е адресирана: „До претседателот на Собранието“, но без именување на државата.
Од ВМРО-ДПМНЕ за Телма велат дека не го пишале името на државата на чие собрание претседател е Талат Џафери, бидејќи така стои во Законот за рефрендум во член 67 став 1. Овој член од Законот, објаснуваат од опозициската партија, предвидува иницијативата да биде доставена до претседателот на Собранието и оти во него не се споменува името на државата.
„ЧЛЕН 67 (1): ПРЕДЛОГОТ ЗА ПОКРЕНУВАЊЕ НА ГРАЃАНСКА ИНИЦИЈАТИВА НА ДРЖАВНО НИВО СЕ ДОСТАВУВА ДО ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО“.
Но откако викендов од страна на владеачките партии неофицијално се лиферуваше дека иницијативата нема да добие зелено светло од Законодавно-правната комисија и Комисијата за политички систем и ќе му биде вратена на претседателот на Собранието со назнака: „неуредна“, токму поради неспоменување на името на државата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска најави дека тоа може да се исправи, иако ваквиот потег на власта, тој го нарече политичка гимнастика.
„ПОЛИТИЧКА ГИМНАСТИКА МОЖАТ ДА ПРАВАТ БИДЕЈЌИ СЕ ИСПЛАШЕНИ ОД МОБИЛИЗАЦИЈА НА НАРОДОТ И КОНСОЛИДИРАЊЕ НА АНТИВЛАДИНО РАСПОЛОЖЕНИЕ, КОЕ ШТО ПОСТОИ. И СЕГА ТИЕ МОЖАТ ДА ИЗНАОЃААТ ИЗГОВОРИ, КОЛКУ САКААТ И ДО БЕСВЕСТ НА ТОЈ НАЧИН ДА ЈА ОДЛОЖУВААТ РАБОТАТА. НАС НИ Е БИТНА СУШТИНАТА, НЕ ФОРМАЛНОСТА. И АКО Е ТОА ПРЕЧКА – ЌЕ ЈА КОРЕГИРАМЕ ТАА ПРЕЧКА И ЌЕ ЈА ДОСТАВИМЕ ОНАКА КАКО ШТО ТИЕ ЦЕНАТ ДЕКА ТРЕБА ДА СЕ ДОСТАВИ, САМО ДА ИМАМЕ УСПЕШНА ПРОЦЕДУРА И ДЕМОКРАТСКИ ДА ДОЗВОЛИМЕ ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ПРОИЗНЕСАТ ЗА ПОЛИТИКИТЕ НА ВЛАДАТА ПОВРЗАНИ СО ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА“, ИЗЈАВИ МИЦКОСКИ.
Од опозициската партија се надеваат дека доколку иницијативата биде вратена поради неспоменување на името на државата, таа да биде вратена на исправка, а не да биде целосно одбиена. Поточно, од таму се надеваат дека нема да има потреба од повторно собирање на потписи за поднесување на иницијатива за референдум. Според нив таков пример на враќање на иницијатива за референдум на доработка, поради технички или амдинистративен пропуст, веќе имало во минатото.
Сепак за тоа каков ќе биде исходот од толкувањето на членот 67 став 1 од Законот за референдум, меѓу власта и опозицијата, ќе треба да се почека уште неколку дена, бидејќи од Собранието се уште нема информација дали иницијативата стигнала до Џафери и дали е доставена до двете собраниски Комисии кои треба да решаваат за нејзината уредност.
Во меѓувреме опозицискиот лидер побара од власта да не бара формални изговори за избегнување на референдумот, истовремено со порака, дека резултатот од рефрендумот нема да ја смени позицијата на неговата партија околу уставните измени.
„БЕЗ РАЗЛИКА НА РЕЗУЛТАТОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ ВМРО-ДПМНЕ, КАКО ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, НЕМА ДА ПОДРЖИ ПРОМЕНА НА УСТАВОТ ПОД ОВИЕ ОКОЛНОСТИ. ТОА ГО ПОВТОРУВАМ – БЕЗ ОГЛЕД КАКОВ ЌЕ БИДЕ РЕЗУЛТАТОТ НА РЕФЕРЕНДУМОТ“, РЕЧЕ МИЦКОСКИ.
Мицкоски ја повика власта да се одржи референдумот и за да се види колкава ќе биде излезноста.
Тамара Грнчароска