Во минатото тоа било нормално, учениците додека се на летен распуст да одат и да работат некоја сезонска работа. Тогаш парите имале и друга вредност, но и децата и родителите некако размислувале на поинаков начин.
Мајката на петнаесетгодишниот Михаил се сеќава кога таа била дете, дека секој распуст била на некоја плантажа.
-И не само јас, туку сите деца. Целото друштво одевеме. Некако едвај чекавме да заврши учебната година и да одиме таму. Работевме многу, и бевме платени за тоа, раскажува Даниела.
Таа оваа навика ја пренела и на својот син, на кој оваа ќе му биде трета година како ќе работи на некоја плантажа.
-Воопшто не ми е срам. Јас си работам и за тоа на крај на ден си добивам дневница. А дневница од 1000 денари, не е воопшто малку, и баш за некој кој има само 15 години. Не ми пречи што моите врсници уживаат во распустот, што секој ден се на базен, што се шетаат. И ја би сакал да е така, но ете. Моите немаат да ми даваат доволно колку што мене ми е потребно. Затоа решив да си работам. Не можам да се споредувам со другарите, бидејќи имаат побогати родители. На крај пак, јас сум горд бидејќи уште сега заработувам сам, додава Михаил.
-Сакам да му пренесам некоја навика, дека во животот мораш да работиш. Мораш сам да се бориш. Така е најубаво. Најубаво е кога си ги трошиш парите кои сам си ги заработил. Работиме и јас и сопругот, но имаме мали плати. Имаме семејство и три деца. Имаме само за прехрана и за сметки. А каде се потребите на децата. Затоа сакам да им ставам во навика дека мора да се работи. За нив, а не за мене, вели Даниела, мајката на Михаил.