Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски во вечерашното гостување во централниот Дневник на Сител ТВ, одби да ја коментира пораката која поранешниот премиер Никола Груевски му ја упати денеска на социјалната мрежа Фејсбук.
„Не би коментирал. Би сакал исто ко и она што беше кажано претходно да му пожелам добро здравје. Нека се занимава што смета дека се негови приоритети, нека си пишува за своите приоритети итн., дали тоа се лични или политички, не е битно. Нека не ни одмага, не му одмагаме. Да се фокусираме на тоа да ја поразиме власта и да му ставиме до знаење, дека со него или без него, уставните измени нема да поминат. Тоа е се од наша страна“, изјави Милошоски вечерва во Тема на денот на ТВ Сител.
За потсетување, претходно денеска Груевски на Фејсбук напиша дека имал многу што да каже за Милошоски.
„Тој при секоја смена на лидер со сопствена иницијатива бара начини да го нападне претходниот, за да се истакне кај новиот.
Така ќе биде и кога Мицковски ќе си замине од челната позиција на партијата еден ден.
Антонио ќе држи прес конференција, а на интерни состаноци најжестоко ќе зборува против него како да му е прв душман, од првиот ден, за да ги добие симпатиите на новиот водач. Така функционира тој човек. Таков бил, таков е сега, таков и ќе си остане“, му порача Груевски на Милошоски.