Министерството за правда во наредниот период ќе поднесе нови барања за екстрадиција на Никола Груевски, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири

|

За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница.

Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал. Состојбата со сите судски постапки внимателно се следи, а Министерството за правда ќе постапи соодветно и ќе поднесе ново барање за екстрадиција.

За Лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година. На 08.10.2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор. Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено.

Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година.

Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за ,,Монструм” со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор. За овие лица Министерството за правда повторно ќе поднесе ново барање за екстрадиција.