Милосављев: Леев солзи за Вардар, сите ја живееја бајката заедно со нас!

ИЗВОРСкопје24
|

Дејан Милосављев беше еден од клучните фактори во триумфот на Вардар над ПИК Сегед (31-23). Српскиот чувар на мрежата ја „спушти ролетната“ кога беше најпотребно и донесе брзи голови на спротивната страна, кои донесоа висока победа за „црвено-црните“.

Дојде тивко, како замена за Арпад Штербик, а иако многумина се сомневаа во него и неговите квалитети, Дејан Милосављев ги убеди во спротивното и премногу брзо стана миленик на вардаровата публика. Дојде време за збогум со македонската публика, нешто кое српскиот голман го доживеа навистина емотивно, пишува Гол.мк.

„На терен почувствував нешто повеќе од ракомет. Благодарност до сите што направија да дојде до такво нешто, благодарност до Вардар и благодарност до сите луѓе што заедно „живееја“ со нас. Не можев многу да зборувам по натпреварот, затоа што ми течеа солзи, леев солзи кои покажаа многу. Голема благодарност до Вардар, благодарност до Македонија, засекогаш го носам овој спомен во срце“, изјави Милосављев.

Вардар го игра реваншот во Унгарија на 5 мај, а има добра залиха од првиот меч во Скопје за трет пат по ред да игра на Ф4-турнирот и овој ѕвезден ростер достојно да замине меѓу легендите.

Вардаровите навивачи вчера повторно пееја заедно со македонската група „Некст Тајм“. Групата ја испеа популарната „Излези Ѓурѓо“, а пропатно со нив грмеа уште 7.000 грла, присутни на трибините во вардаровиот дом. Во СЦ „Јане Сандански“ немаше место игла каде да фрлиш, затоа што трибините беа полни, а исто така, немаше ниту место за стоење. Поддршка имаше и ПИК Сегед, во нешто околу 150 гости од Унгарија.

Сергеј Самсоненко синоќа не беше во ложата во СЦ „Јане Сандански“ каде вообичаено од ложата ги следи натпреварите на ракометниот шампион на Македонија и да го испрати шампионскиот тим, кој тој го создаде, во историја.

Според информациите до кои дојде „СПОРТМЕДИА“, Русинот немал срце да се збогува со Вардарци. Тој дуелот, во кој Вардар го даде најдоброто од себе, го следел дома, на малите екрани.

Првиот човек и спонзор на ракометниот клуб Вардар пред неколку дена ја извести јавноста дека од следната сезона нема повеќе да ги финансира „црвено-црните“.