За разлика од останатите скопски населби во западниот дел на градот, кои датираат по ослободувањето 1944/1945 година или по скопскиот земјотрес од 1963 година, Ѓорче Петров бил посебен град и седиште на истоимената општина.
Градот бил создаден во 1916 година, кога започнала изградбата на железничката пруга до Охрид. Тогаш, таму биле изградени живеалишта за работниците на пругата, а потоа, постепено израснала населбата. Притоа, населбата била наречена Железничка станица „Генерал Жостов“, според генералот на бугарската армија Константин Жостов, кој бил иницијатор за градење на пругата.
По Првата светска војна, населбата била преименувана во Генерал Хенри (Хенриево), според францускиот генерал. Во 1923 година била доградена пругата од Скопје со Хенриево, со што била завршена пругата Скопје-Охрид-Ташмаруништа. Со развојот на железничкиот сообраќај, набргу во населбата било формирано друштвото „Соко“, со 250 членови, кое имало секции за гимнастика, пинг-понг, музика, драма, а во летните месеци имало и пливачка секција. Во состав на друштвото постоел спортскиот клуб ХАСК, како и Друштвото на кнегињата Љубица, на чело со Радмила Миленковиќ. Ова друштво постоело до 1941година.
Во Хенриево имало седум кафеани, иако населбата имала помалку од 1.000 жители, но, во населбата немало електрична енергија и ниту една чешма. Хенриево добило струја дури во 1938 година, кога била изградена електричната централа „Св. Андреа“. Во 1941 година населбата повторно паднала под бугарска окупација, со што било вратено старото име, Генерал Жостов. Во тој период, во населбата биле изградени објекти за сместување на Германците од фирмата „Тот“ кои ја експлоатирале хромната руда од „Радуша“, со што започанала да се формира населбата Хром. Населбата била ослободена од бугарската окупација на 14 ноември 1944 година.
По ослободувањето, населбата го добила името Ѓорче Петров. Така, во информацијата испратена до Општинскиот народен одбор на селото Хенриево од 17 септември 1945 година се известувало за промената на името. Во овој период, низ населбата поминувала пинерска железничка линија, која во 1952 година била продолжена кон Матка и се поврзала со теснолинијката за Охрид. Во 1950 година започнала изградбата на пругата со нормален колосек до Охрид.
Од земјотресот наваму, железничката станица ја загубила важноста. До првата деценија од ослободувањето на Македонија, градот Ѓорче Петров не влегувал во состав на градот Скопје, за дури некаде по земјотресот, со изградбата на населбата Влае, градот Ѓорче Петров станал дел од новоникнатата општина Карпош. Истовремено, по земјотресот од 1963година, населбата се проширила значително, бидејќи биле поставени бројни бараки како помош за настраданите, и тоа: 140 бараки за Ѓорче Петров 1 и 700 бараки за Ѓорче Петров 2.
Ѓорче Петров е населба со околу 18 700 жители од кои 94,5% се Македонци, 2% Срби, 2% Роми, 1% Албанци (претежно во западниот дел односно Ѓорче Петров II или Дексион) и 0,5% останати (претежно Власи и Бошњаци). Карактеристично за населението на Ѓорче Петров е тоа што потекнува од Западна Македонија (Тетово и тетовските села, Поречието, Гостивар и гостиварските села, Прилеп и прилепските села).