МОБИЛИЗАЦИЈА ВО РУСИЈА: Дали Путин ќе заврши како Николај II Романов?

|

Во продолжение ви ја претставуваме анализата на Владимир Бошњаковски во целост:

„Уште од почетокот на војната се зборуваше дека главниот предвесник на пораз на Русија ќе биде воведувањето на мобилизацијата и воена состојба. Овој процес почна и е пропратен со досега незапаметена леснотија во однос на заканите со нуклеарно оружје. Ваквите потези на Путин има сериозни воени, внатрешно-политички и надворешно-политички импликации.

Прво од воен аспект, треба да се прашаме зошто Русија воведува воена состојба и мобилизација? Ваквиот потег се должи на два факти. Од една страна, Русија се соочува со сериозни жртви и дезертирање во нејзината армија. Резултат на ова е 3-4 пати помалата Украина да има супериорност во бројот на распоредени трупи. Овој диспаритет, Русија не може да го неутрализира со професионални војници и доброволци, па мора да воведе присилни мерки за регрутација на руското население. Од друга страна, Русија се соочува со недостатоци на воена опрема и муниција, кои не може да ги надомести со редовните производствени капацитети на рускиот воено-индустриски комплекс. Од таа причина власта посегнува кон воената состојба, која и овозможува да врши пренамена на цивилни индустриски капацитети во воени, како и реквизиција на приватни ресурси.

Ова е своевидно признание на Кремлин дека “спецоперация-та” која требаше да трае неколку дена е пропадната. Сега се води конвенционална војна помеѓу две горе-доле еднакви сили, со моментална предност во корист на Украина. Овој тренд може и да се промени, но статусот на Русија како светска суперсила е засекогаш изгубен. Пред војната, Путин се фалеше дека неговата војска за една недела може да стигне до Ламанш. Со војната се докажа дека Русија не може да стигне ни до Дњепар.

Второ од внатрешно-политички аспект, треба да се прашаме што значи ова за состојбите внатре во Русија? Мнозинството од руските граѓани не ја разбираат и не ја поддржуваат интервенцијата во Украина. Сепак до сега цената на овој конфликт за руските граѓани беше релативно ниска – губење на поволностите од отворањето кон светот, благ пад на стандардот и губење на одредени слободи и права. Од сега па натака, семејствата во се поголем број ќе треба да ги жртвуваат своите синови и татковци, како и да ги губат платите од работниците кои се принудени да бидат војници. Додатно, ќе страда приватниот сектор кој ќе загуби многу работоспособен кадар, додека државата врши реквизиција на приватни ресурси. Последно, се погласните критичари ќе се „заќутуваат“ со се побрутална репресија и поапсурдна пропаганда – ова дополнително ќе ја поткопува моралната позиција и поддршка за власта.

Во XX-тиот век се случуваат два внатрешни колапси на руската држава, токму поради внатре-политички последици од воени конфликти. Сегашните околности во Русија повеќе заличуваат на предвечерјето на Октомвриската Револуција, која доведе до насилното уривање на царскиот режим и убиство на царското семејство. Имено, и главната причина за воведување на „делумна“, а не „целосна“ мобилизација е да се избегне регрутирање на луѓе во големите урбани центри (Москва и Петерсбург) кои што секогаш биле почетна точка за државни преврати во руската историја, а моментално „вријат“. Путин оди по „ивицата на ножот“ и со еден погрешен потег ќе заврши како Николај II Романов!
Трето од надворешно-политички аспект, Русија многу скапо ќе ја плати леснотијата со која ја злоупотребува својата „нуклеарна позиција“. Путин се закани дека е подготвен да употреби нуклеарно оружје за да го зачуваат интегритетот на „својата“ територија. Тоа што е важно да се разбере дека по овој викенд во таа територија ќе влезат и сепаратистичките региони во Источна Украина – тогаш ќе се одржи референдум врз основа на кој Русија ќе ги анектира тие територии. Следствено на тоа, ако Украина се обиде да ги врати овие региони под своја контрола, Русија тоа ќе го смета за инвазија која оправдува нуклеарен армагедон.

Последна држава која била во оваа состојба е Нацистичка Германија, која до ден денес не може целосно да се ослободи од оставината од минатиот век. Но, фактот дека ова се случува во време кога концептот на освојувачки војни е тотално напуштен и забранет со консензус на меѓународната заедница, прави Русија да има статус на држава-отпадник, нешто како Авганистан во времето на првиот талибански режим. Поради ова, цената која Русија ќе треба да ја плати за реинтегрира во меѓународната заедница ќе биде голема – огромни репарации, ограничување на наоружување и потенцијално откажување од нуклеарното оружје.

Единствена олеснителна околност за Русија е што нејзиното население очигледно не се сложува со постапките на режимот на Путин. Што порано тоа се дигне во отворено востание, тоа помала ќе биде цената што идните руски поколенија ќе треба да ја платат за грешките на Путин!“