Антоан де Сент Егзипери имал тешко детство. Останал без татко кога имал само четири години, на 17 години го изгубил помладиот и единствен брат Франсоа, а имал уште три сестри од кои едната го напуштила пред Втората светска војна. Во еден од најтешките периоди во животот, кога се соочувал со загуби, болести и воени околности, напишал молитва која и денес би требало да си ја повторуваме кога ни е тешко.
Господе, јас не молам ниту за чуда, ниту за привидувања, туку за секојдневна сила. Научи ме за уметноста на малите чекори.
Направи ме повнимателен и поснаодлив, за во секојдневниот живот да се задржам на откритијата и искуствата што ме возбудуваат.
Научи ме правилно да располагам со времето во својот живот. Подари ми го убавиот подарок да го разликувам примарното од секундарното.
Јас молам за сила на воздржаност и умереност, за во животот да не летам и да паднам, туку разумно да го планирам текот на денот. Да можам да видам врвови и пространства, па дури и понекогаш да најдам време да уживам во уметноста.
Помогни ми да сфатам дека илузиите не се од помош. Ни сеќавањето на минатото, ни соништата за иднината. Помогни ми да бидам тука и сега и да го прифатам овој момент како најважен.
Спаси ме од наивното убедување дека сѐ во мојот живот треба да биде подмачкано. Подари ми јасно сознание дека поразите и неуспесите се само природен, составен дел од животот, благодарение на кои растеме и созреваме.
Потсетувај ме дека срцето често се буни со причина. Испрати ми во вистинскиот момент некој што има храброст да ми ја каже вистината, но да ми ја каже со љубов.
Знам дека многу проблеми се решаваат и ако ништо не се направи, научи ме на трпение.
Ти знаеш колку е силна мојата потреба за пријателство. Дозволи ми да бидам достоен за тој најубав и најнежен дар од судбината.
Дај ми богата фантазија, за во потребното време, во потребниот момент, на вистинското место, во тишина или говорејќи, некому да му ја подарам неопходната топлина. Направи од мене човек кој знае да допре до оние што се навистина на дното.
Спаси ме од стравот дека нешто ќе пропуштам во животот. Не давај ми го она што јас го сакам, туку она што навистина ми е потребно.
Научи ме за уметноста на малите чекори.