Министерството за образование и наука информира дека денес е извршена исплата на средства за субвенциониран студентски оброк од 79,14 милиони денари на 28.011 студенти корисници на ова право.
Вкупно 26.377 од нив се тековни корисници и тие ги добија средствата за месец декември. На 380 студенти чии апликации пристигнаа при првиот повик, но истите беа предмет на дополнителна проверка со други институции и установи, исплатени им се средства за три месеци, односно за октомври, ноември и декември. Додека на 1.254 студенти кои го остварија ова право преку третиот повик исплатени им се средства за месеците ноември и декември. Во тек е разгледување на апликациите од последниот повик од минатиот месец.
МОН потсетува и дека во периодот од 20ти до 30ти, односно 31ви во секој месец, ќе биде отворена можноста за аплицирање за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк за сите оние студенти кои претходно не ги исполнувале условите, или од било какви причини не аплицирале.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое на младите значително им се олеснува животот за време на студирањето односно добиваат по 2.400 денари 9 месеци во годината, средства наменети за купување здрави оброци. Право на оваа финансиска поддршка имаат сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државни и приватни високообразовни установи кои се државјани на РСМ и кои не се во редовен работен однос, не се регистрирани како индивидуални земјоделци и немаат месечен приход по кој било основ поголем од минималната плата.