Му паднаа илјадници пити врз глава, го вадеа 12 часа – бизарна смрт на производител на познат кашкавал

|

Италијанскиот производител на млечни производи, Џакомо Чапарини (74) трагично настрада во неделата вечер во Ломбардија, откако врз глава му паднаа илјада пити кашкавал.

Според пожарникарите, несреќниот 74-годишен Чапарини влегол во магацинот каде чувал околу 25.000 пити кашкавал од кои секоја тежи по околу 40 килограми. Во еден момент се скршила една од полиците и кашкавалот, од голема височина, почнал да паѓа по магацинот, вклучително и на глава на сопственикот на компанијата.

Чапарини останал затрупан под илјадници пити кашкавал, а на пожарникарите им требаше 12 часа за да го извадат неговото тело.

„Моравме да го расчистуваме кашкавалот пита по пита. Ни требаа 12 часа да стигнеме до жртвата“, соопшти Антонио Дуси, шеф на противпожарната станица во Бергамо.

Локалните медиуми наведуваат дека во магацинот имало околу 25.000 пити кашкавал кои биле наредени на полици со височина и до 10 метри.

Весникот „Кориере дела Сера“ пишува дека Чапарини влегол во магацинот да направи контрола на кашкавалот за време на период на зреење и да го исконтролира роботот кој ги врти и автоматски чисти.

Кашкавалот кој го произведува компанијата е „Грана Падано“ кој потсетува на пармезан и многу е популарен низ светот.