Му платиле 1.000 евра на кондуктерот за да влезат во воз – вработен во Железницата уапсен за криумчарење мигранти

|

Кондуктер во Железници е приведен за криумчарење на мигранти, објави МВР.

Станува збор за 28-годишник од Скопје со иницијали А.А..

Кај него биле пронајдени вкупно 1.000 евра за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривичното дело.

„Претходно, околу 18.30 часот на Железничка станица Кукуричани, неготинско, во патнички воз, кој сообраќал на релација Гевгелија-Скопје, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Југ откриле две лица мигранти од Сирија. Во службен разговор во полициска станица тие изјавиле дека на кондуктерот му дале пари за да влезат во возот“, велат од полицијата.

Кондуктерот бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, ќе биде поднесена соодветна пријава.