(ОБНОВЕНО)МВР ја истражува МОНТ на Камчев за предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ

ИЗВОРnovlist.mk
|

МВР истражува три фирми за финансирањето на предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ за последните претседателски избори. Една од нив е фирмата МОНТ која е дел од Орка Холдинг на бизнисменот Орце Камчев. Од компанијата МОНТ велат дека имало двајца инспектори од МВР, на кои им ги дале документите кои ги барале. Според МОНТ, инспекторите потврдиле дека нема ништо спорно во работењето на компанијата за која велат дека немала никакво учество во предизборната кампања на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова.

Според информациите од обвинителството се работи за рана фаза на предистражна постапка. Две од фирмите се домашни, а една е во Шпанија, па поради ова се соработувало и со шпанското МВР. За истрагата ќе треба да помогне и Државниот завод за ревизија кој ги контролира партиските сметки отворени наменски за предизборни кампањи. Од ВМРО-ДПМНЕ пак сметаат дека целта на оваа предистрага е да се одвлече вниманието на јавноста од актуелните случувања со аферата „Рекет“.

Инаку според законот партиите отвораат посебни сметки за финансирање на кампањите кои по завршувањето на изборите се затвораат. Пред две недели владеачката СДСМ обвини дека оваа сметка на ВМРО-ДПМНЕ е затворена но дека партијата се уште има долг од 400.000 евра. Државниот ревизор е надлежен да ги преиспитува финансирањата на кампањата, но предистрагата доаѓа во време кога Собранието го блокира изборот на првиот човек во заводот, па неговата работа е блокирана.

Инаку утре бизнисменот Орце Камчев и неговата сопруга Ана, ќе бидат првите сведоци во случајот „Рекет“, во кој обвинети се Бојан Јовановски и екс специјалната обвинителка Катица Јанева.