И викендов може да се поднесуваат барања за субвенции најави МЗШВ

|

Аплицирањето за Програмата за директни плаќања за 2020 година може да се врши заклучно со 31 јули 2020 година. Што значи има време уште една недела земјоделците да поднесат барање за субвенции.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најавија дека ќе работат и викендов (сабота и недела) за да им се излезе во пресрет на сите земјоделци кои сакаат да поднесат барања за субвенции.

Барањата може да се поднесат електронски односно барателите да се регистрираат на веб-страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Заради полесно аплицирање, на веб страната има и упатство за целиот процес на регистрација во системот и аплицирање, како и телефонски да побараат помош на телефонските броеви на раководителите на подрачните единици.

Во подрачните единици на на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе можат да се обратат сите земјоделци кои не можат електронски да поднесат барања или имаат потреба од помош при пополнување на електронските барања.

Барања се поднесуваат за директни плаќања за растително производство: полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади. Како и за оние кои се бават со сточарско производство: одгледување говеда, овци, кози, пчели и свињи, заклани животни во кланица.

Според Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, засега интересот на земјоделците е на задоволително ниво.