Ако овој тренд не запре, земјата би можела да доживее колапс на трговијата и логистиката, објавија германските медиуми.
Постои едно популарно верување дека Германија е совршено подредена држава во која ништо не може да тргне наопаку, а ако дојде до проблем, тој се решава за многу кратко време. Сепак, треба да се знае дека и во оваа напредна земја не секогаш тече мед и млеко.
Според податоците на германската асоцијација за шпедиција и логистика, на Германија во моментов и недостасуваат помеѓу 45.000 и 60.000 возачи на камиони, а последиците од овој негативен тренд на пазарот на трудот може да се почуствуваат на ниво на целата економија.
-Ние сме на работ на колапс во секторите транспорт и логистика, изјави портпаролот на асоцијацијата, Дирк Енгелхард.
Тој предупредува дека рафтовите во супермаркетите, наскоро би можеле да останат празни бидејќи ќе нема кој да ги наполни.
Непопуларна работа, особено помеѓу младите
Ниските плати и лошите работни услови ја направија работата доста непопуларна. Токму затоа, недостаткот на возачи на камиони ќе биде главна тема на четиридневниот саем за транспорт и логистика кој во моментов се одржува во Минхен.
Портпаролот на саемот, Штефан Румел предупредува дека секоја година во Германија околу 30.000 возачи на камиони заминуваат во пензија и дека бројот на нови возачи изнесува само половина од таа бројка.
Над една третина од возачите имаат над 55 години, а само 2.5 проценти од вкупниот број на возачи се млади на возраст до 25 години. Како резултат на тоа, се очекува дури 40 проценти од возачите на камиони да се пензионираат во следните 10 до 15 години.
За 10 години ќе им недостигаат 150.000 возачи
-Така, во 2030 година, во Германија би можеле да исчезнат дури 150.000 возачи на камиони, рече Румел. Уделот на жени во оваа професија е само 1.7 проценти.
-Во исто време, се зголемува обемот на транспортот, а тоа се должи на силниот раст на онлајн трговијата. Недостатокот на работни места кој се зголемува од ден на ден, не може веќе да се пополни ниту со возачи од источниот дел на Европа, рече Дирк Енгелхард.
Тој додава дека во моментов германските шпедитерски компании очајно бараат нови луѓе за да ги пополнат слободните позиции.