Грција летово ја доби првата плажа на која ќе биде забрането пушењето цигари, јави дописничката на МИА од Атина.
Плажата се наоѓа на островот Серифос и ќе биде отворена по иницијатива на фондација за добротворни цели и општината.
Во пресрет на 31 мај – Светскиот ден за борба против пушењето, фондацијата и општината соопштија дека нивната активност е во рамките на програмата за заштита на животната средина „SeaChange Greek Islands“, која ја спроведува фондацијата на 10 острови во Грција.
На конкретната плажа пушењето ќе биде дозволено само во мал, специјален дел, односно „зона за пушачи“ со пепелници и пораки за заштита на животната средина, а едно лице ќе биде задолжено да ги информира посетителите.
Од активностите на фондацијата во изминатите две години, во рамките на проектот за чистење на плажите на Кикладските Острови, вклучени во програмата, произлегло дека отпушоците биле најчестиот отпад и најприсутен на Серифос, што било и причина првата плажа на која ќе биде забрането пушењето да биде токму на овој остров. (МИА)