Надлежните спијат: Новиот автопат кон Грција целосно под снег (ВИДЕО)

ИЗВОРМакфакс
|

Неисчистени улици, завеани патишта, блокирани пристапи до локалните патишта и до селата. Новиот автопат кон Грција е целосно под снег. Слична е ситуацијата и на останатите патишта. Снегот повторно ги изненади надлежните служби и ги остави граѓаните сами да се справуваат со невремето и обилните врнежи со снег кои изминативе два дена ја зафатија земјава.

„Македонија пат, има ли „пилот“ во камионот? Заглавени камиони, премрзнати возачи, отсечени патишта од и кон населени места…Редовна постновогодишна вест на менито на медиумите и социјалните мрежи по снегот. Влезот кон Валандово вечерва е блокиран, а солта никако да го разјаде снегот. Или, пак, тоа не е во дефиницијата за патен правец кој треба да биде ослободен од снежниот нанос. И вака и така многу места се отсечени од светот, зошто, пак, да не и уште еднаш – со снегот?

Македонија пат, катапултирајте се некако на фрекфенцијата на локалните радио-станици. Ако не друго, барем ќе ви помогнат да ги ажурирате своите информации на веб-страницата. И да ви го „освежат“ кризниот ПР. Ако е тоа воопшто важно во вакви апокалиптични времиња. И ајде, пак, уште една мала ноќна лекција. Ако Македонија пат е изненаден, тогаш барем да не бидеме ние, граѓаните. Едноставно, да си се подготвиме дека снегот нема граници”, коментираат граѓаните на социјалните мрежи.

Ноќеска најмногу снег наврна во Маврови Анови – 85 сантиметри, но снег има и во останатите делови на земјава, кои што го отежнаа движењето по патиштата. Забрани за движење на тешки товарни возила има на патниот правец крак Маврово – Дебар и на Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража. На регионалниот пат Р-1203 од селото Рогачево до граничниот премин Јажинце, поради силен ветер наместа има наноси од снег.

На осојничавите места коловозите се наместа влажни, па поради ниските температури карактеристични за вечерните и утринските часови постои можност и од појава на голомразица.

Десетина гранични полицајци веќе неколку денови се заглавени во полициската станица во село Танушевци, поради наноси од снег кои ги блокираа локалните патишта. До границата кај Косово не можела да стаса нивната замена.

Од АМСМ изутринава, пак информираа дека сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, наместа со остатоци од снег на коловозот по интервенција на екипите на ЈП Македонија Пат.