Најавени температури од 35 степени Целзиусови: Како да се заштитите од жештината?

ИЗВОРСкопје24
|

Според метеоролозите, времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде меѓу 11 и 19, а максималната од 26 до 35 степени.

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност и со умерен, повремено засилен северен ветер. Температурата ќе се движи од 15 до 31 степен.

Се очекува температурите да продолжат да растат, што значи дека треба навреме и соодветно да се заштитите од жештината, од здравствени причини, но и за да може непречено да ги обавувате секојдневните обврски.

Ако веќе не сте легнати на некоја плажа или одмарате покрај базен, следете ги овие совети за да се заштитите од топлото време:

Затемнете го домот

Навечер оставете отворен прозорец во дневната соба и кујната, а наутро, пред да почне да расте температурата, затворете ги сите врати и прозорци, спуштете ролетни или ставете дебели завеси. На тој начин подолго ќе ја задржите ноќната свежина внатре во домот.

Користете вентилатори

Струењето на воздухот со помош на вентилатори е подобра опција отколку да ја ладите драстично просторијата со климатизер. На тој начин ќе бидете природно разладени и нема да ви биде премногу голема температурната разлика кога ќе излезете надвор, односно нема да го шокирате телото.

Разладувајте се со вода

Истуширајте се со речиси ладна вода, ставете ладна облога со мокра марама на вратот, рамената или челото или ставете ги стапалата во кофа со ладна вода.

Исклучете ги сите уреди кои се дополнителен извор на топлина

Класичните светилки се извор на топлина, па не ги вклучувајте освен ако не морате. Истото важи и за компјутерите и останатата техника во домот, вклучувајќи ги адаптерите и полначите. Јадете повеќе свежа храна што не бара готвење, како варење, пржење или печење.

Пијте доволно вода

Ова е совет што постојано се нагласува, а за чудо, најретко се применува. Многу е важно да останете хидрирани бидејќи губите течности со зголеменото потење на високи температури. Дел од дневната доза вода нека биде незасладена лимонада со малку сол што ќе ви ја даде и потребната доза електролити. Исто така, одбегнувајте кофеин и алкохол, бидејќи се диуретици.

Бонус совет за сопствениците на домашни миленици:

Имајте предвид дека кога растат температурите, на вашите крзнени миленици им е многу потопло. Ако чувате маче или куче, разладувајте ги со туширање во најжешките денови и давајте им доволно свежа вода за пиење. Кучињата шетајте ги рано наутро или навечер, кога асфалтот е оладен и воздухот е посвеж.