Британското биро за истраги во воздухопловството (AAIB) објави дека операцијата за подигнување на остатоците од авионот со кој леташе аргентинскиот фудбалер Емилијано Сала, ќе почне во рок од два дена.
За потсетување, приватниот авион кој исчезна од радарските екрани вечерта на 21 јануари беше пронајден за време на приватна операција за пребарување на дното на англискиот канал, а пребарувачите пронајдоа едно тело кое треба да се идентификува откако ќе се извади од водата.
Во моментов, во тек се подготовки за операцијата која ќе се изврши во наредните два дена, соопшти портпарол на AFIB.
По ова сознание, уште вчера сестрата на Емилијано, Ромина Сала, преку својот Инстаграм профил се прости од својот брат и објави слика од местото каде што е пронајден авионот.
„Ќе те сакам засекогаш“, напиша Ромина Сала во описот на фотографијата.
Во моментите на агонија се јави таткото на фудбалерот, Хорасио Сала кој призна дека е скршен.
„Не можам да верувам, ова е сон, многу лош сон. Очајни сме, секој ден се слушам со истражителите, Кога ми кажаа дека е пронајден авионот, секоја надеж ми згасна“, рече постариот Сала.
Сала направи трансфер во Кардиф од Нант на 19 јануари, но не успеа да одигра ниту еден натпревар за велшкиот клуб. Кон главниот град на Велс, тој полета со 59-годишниот пилот Дејв Иботсон.